Соопштенија

Скопјанец осомничен дека продавал марихуана и овозможувал на други лица да ја користат

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривичните дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и Овозможување на употреба на наркотични дроги според член 216 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 21-годишен скопјанец, на 4 ноември, во домот во кој привремено престојувал на улицата „Христо Татарчев“, неовластено за продажба држел 46,62 грама марихуана. При претресот во домот биле затекнати уште четири лица на кои тој им ставил на располагање просторија во станот за уживање во наркотичната дрога. Полициските службеници при претресот пронашле и дигитална вага со траги од канабис.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за да се обезбеди присуството на осомниченото лице во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска да се јавува еднаш неделно во судот, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање нова.​