Соопштенија

Скопјанец осомничен за недозолено поседување оружје и муниција

Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и трговија до оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 12 јуни, на паркинг на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Скопје, неовластено држел огнено оружје кое на граѓаните им е забрането – автоматска пушка со калибар 7,62Х39 мм и 60 куршуми муниција за ова оружје. Освен ова, тој со себе носел и друго огнено оружје за кое не поседувал дозвола – пиштол марка Smith Wesson со калибар 9 мм и 15 куршуми за тој пиштол. Оружјето и муницијата биле пронајдени при личен преглед на  осомничениот и при претрес на неговиот автомобил, на десното совозачко седиште.

Ценејќи дека постои опасност од бегство на осомничениот и можност тој да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи да изрече мерка притвор за осомниченото лице.