Соопштенија

Скопјанец под истрага за недозволена трговија со дрога

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против едно лице за две кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 55-годишник, на 25 јануари, во својот автомобил држел 24 пакувања со вкупно 8,94 грама хероин, како и две пакувања со вкупно 1,25 грама метамфетамин. Откако ги забележал полициските службеници, тој го запрел возилото на паркинг на улицата „Њуделхиска“ и пешки се дал во бегство. Полицајците го следеле, па тој влегол во агенција за недвижности, a дрогата ја фрлил при влезот во објектот. Полициските службеници ја пронашле дрогата, а лицето го лишиле од слобода.

Во текот на постапката утврдено е основано сомнение дека истото лице, на 06.10.2022 година во дом на улицата „Радика“ во Скопје, каде престојувал како потстанар, заради продажба држел 0,61 грам амфетамин, а истиот ден на сведок му продал 0,45 грама хероин.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото за кое и претходно веќе неколкупати е осудуван, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.​