Соопштенија

Скопјанец под истрага за неовластена продажба на хероин

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот неовластено заради продажба држел опојна дрога – хероин со вкупна нето маса од 84,01 грама спакувана во седум полиетиленски пакувања. При претрес во домот во кој престојувал осомничениот, освен дрогата, била пронајдена и една дигитална вага со остатоци од хероин.

Имајќи го предвид фактот дека лицето претходно е осудувано за истото, но и за друго кривично дело, надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности кои укажуваат на опасност тој да го повтори кривичното дело или да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Од тие причини, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.