Соопштенија

Скопското обвинителство побара парични казни за 63 лица заради непочитување на здравствените прописи

Вкупно 63 лица се опфатени со 52 предлози за издавање казнени налози што Основното јавно обвинителство Скопје денеска ги поднесе до Основниот кривичен суд Скопје.

Обвинетите не го почитувале полицискиот час, па спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, биле затекнати како без дозвола се движат надвор од нивните домови во часовите во кои е забрането движење на населението. Со ова тие сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Надлежните јавни обвинители на Судот му предложија за секој од обвинетите да изрече парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.