Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донесе Решение со кои се поведува дисциплинска постапка против поранешен основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и уште две обвинителки од тоа обвинителство.
Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Комисијата одржа расправа на која го разгледа писмениот извештај од известителот по предлогот за поведување дисциплинска постапка и писмените изјаснувања на јавните обвинителки, по што оцени дека постои основано сомнение дека трите јавни обвинителки сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.
Против ова решение на Комисијата не е дозволена жалба. Како следна фаза на постапката, Комисијата ќе закаже седница на која ќе биде повикан подносителот на предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и трите јавни обвинителки, кои имаат право да предложат свои докази и непосредно да дадат изјави во врска со поднесениот предлог.