Јавното обвинителство и тимот од јавни обвинители кои работеа на предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница ги отфрлаат наводите во емисијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај.
Со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината, во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации која сме подготвени да ја илустрираме со повеќе примери:
-Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред Судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно.
-Неосновани се информациите за наводна спротивставеност на вештачењата. Имено, и вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот. Врз основа на вака неспротивставени вештачења беше донесена првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово. Дополнително, во емисијата воопшто не се наведени заклучоците од вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата и со кое исто така јасно се посочува дека основна причина за брзото горење на модуларната болница е големата концентрација на кислород во објектот.
-Исто така, во емисијата се изнесува целосна невистина во поглед на правната квалификација на делото, односно се тврди дека поднесеното обвинение воопшто не се однесува на пожарот во модуларната болница. Напротив, во самото обвинение, кое обвинителството им го достави на новинарите на ИРЛ, стои дека двајца од обвинетите „иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати, на денот на пуштање во употреба на Модуларната болница во Тетово, па се до денот на настанување на пожарот во Модуларната болница, не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар“ со што сториле дело – ТЕШКИ ДЕЛА ПРОТИВ ОПШТАТА СИГУРНОСТ по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот Законик, додека третиот обвинет „како одговорно лице дозволил влез на неовластени лица – членови на семејствата на болните од Covid-19, како придружници, во Модуларната болница“ и се товареше за кривично дело – НЕПОСТАПУВАЊЕ СПОРЕД ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРОПИСИ ЗА ВРЕМЕ НА ЕПИДЕМИЈА по чл.206 ст.1 од Кривичниот Законик.
-Ниту еден единствен доказ во предметот не укажува на кривично дело – Убиство. Ваквата правна оценка за настанот дава поранешен јавен обвинител кој по поведена дисциплинска постапка беше разрешен од Советот на јавните обвинители заради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Тој факт кој сериозно ја доведува во прашање кредибилноста на соговорникот, новинарите свесно одбегнуваат да и го презентираат на јавноста.
-Нагласуваме дека за целиот овој настан, особено за тендерот за набавка на сите модуларни болници, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се води уште еден предмет, кој неоправдано свесно беше маргинализиран во новинарското истражување. Во овој предмет интензивно се преземаат дејствија на проверки, заради кои Обвинителството не е во можност да објавува детали. Меѓутоа, наспроти тврдењата изнесени во емисијата, во тој предмет се уште постапува истиот јавен обвинител.
Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Тетово најостро демантира дека одбил интервју за споменатата емисија со образложение дека тоа му било забрането од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, пак, одбивајќи го барањето за интервју, појасни дека со оглед на фазата во која се наоѓа постапката, секој негов јавен настап би претставувал влијание на текот на судската, а не на истражната постапка, бидејќи во моменот кога беше упатена поканата, во предметот веќе беше донесена првостепена пресуда, на која обвинителството вложи жалба, како на висината на изречената санкција, така и на ослободителната пресуда за еден од обвинетите.
Сепак, како доказ за посветеноста и транспарентноста во работењето на Јавното обвинителство и јавните обвинители кои постапуваат во предметот, на новинарите од ИРЛ им беа овозможени повеќе брифинзи со различни јавни обвинители, а им беше понудено и да ги испратат писмено сите прашања кои ги имаат во поглед на овој предмет. До објавата на емисијата, такви прашања до обвинителството не беа испратени.
За да се спречи ширењето на невистини и манипулации за овој трагичен настан, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија му наложи на основниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово да ја дополни жалбата со барање до Апелацискиот суд за јавна седница на која уште еднаш пред целата јавност ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка.
Јавните обвинители кои темелно и одговорно го истражуваа овој случај своите докази ги презентираа и ќе ги презентираат пред надлежните судови. Впрочем, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е едно од ретките, ако не и единствено јавно обвинителство пошироко, кое поведе постапка за кривична одговорност за последиците од пожар во КОВИД болница, иако во екот на пандемијата вакви пожари со жртви се случија во повеќе земји, дури и во објекти од цврста градба, а повеќето од нив беа предизвикани токму од електричен спој и зголемена концентрација на кислород во објектите.
Јавното обвинителство исклучително го цени придонесот на одговорните и кредибилни медиуми и новинари за навремено и точно информирање на јавноста, меѓутоа апелира на етичност во известувањето, особено кога се известува за големи трагедии. Контекстот и содржината која беше презентирана во конкретниот новинарски производ никако не соодветствува со доказите и воопшто не е адекватна на болката и траумата на семејствата на жртвите во овој трагичен настан. Јавното обвинителство изразува жалење што огромната трагедија на семејствата на жртвите се злоупотребува за лична и институционална дискредитација.