Соопштенија

Соопштение

Имајќи го предвид фактот дека со предметот кој се води во врска со Клиниката за онкологија се испитува евентуална повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита, Основното јавно обвинителство Скопје ќе преземе дополнителни чекори за обезбедување максимална транспарентност и отчетност на постапката.

Врз основа на барањето на онколошките пациенти изнесено на средбата која се одржа на 7 септември, Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија.

Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање.

Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Во текот на денешниот ден, надлежниот јавен обвинител телефонски го контактираа 10-тина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да и помогнат на постапката.

Јавното обвинителство ги презема сите дејствија за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет. Во таа насока, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.