Соопштенија

Соопштение

Јавното обвинителство на Република Македонија во врска со истрагата за авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и неговите сопатници, информира дека до овој момент од досега утврдените факти во предметот, како и од поднесениот извештај од Меѓународната комисија за испитување на причините за несреќата и од други во меѓувреме добиени и прибавени материјали, во досегашната компарација со претходните извештаи и докази, не произлегуваат нови околности кои би довеле до донесување на поинаква одлука од претходно донесената Резолуција.

Иако извештајот на Меѓународната комисија за испитување на причините за несреќата не е дел од официјалната истрага, тој е земен во разгледување од страна на Јавното обвинителство и е анализиран компаративно, давајќи му третман како и на сите информации кои досега се примени. Притоа е утврдено дека од извештајот не произлегуваат нови релевантни околности за промена на веќе донесената одлука.

Во исто време потенцираме дека резолуцијата не е конечна одлука. Тоа значи дека Јавното обвинителство нема правна пречка и натаму да ги испитува сите околности на настанот.