Соопштенија

СООПШТЕНИЕ

Ја известуваме јавноста дека продолжува работата на Комисија за следење на изборни нерегуларности која беше формирана од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија во март 2016 година. Формирањето на Комисијата од Јавното обвинителство на Република Македонија  е во насока на заштита од криминални или други против законити дејствија и за следење на евентуални изборни нерегуларности што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите на 11 декември 2016 година.

Со Комисијата претседава јавен обвинител од Јавното обвинителство на Република Македонија, а членови на Комисијата се четворицата Виши јавни обвинители и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје. Истите се задолжени  да го следат изборниот процес и притоа за сите настани  за кои ќе оценат дека даваат индиции за евентуално сторени изборни нерегуларности да даваат задолженија за итно постапување од страна на Основните јавни обвинителства.  Формирањето на Комисијата е дополнително преземена мерка, која се одвива паралелно со досегашниот начин на следење на изборните процеси преку воспоставување на посебни дежурства на јавни обвинители во обвинителствата, а која продолжува и за овој изборен процес.

Привремената Комисија за следење на изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија денеска одржа работна средба во насока на зајакнување на активностите  поврзани со изборниот процес за претстојните избори.

Целта на средбата беше да се утврди начинот на меѓусебното комуницирање, а во насока на превенирање и постапување по противзаконити дејствија што евентуално би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборниот процес на 11 декември 2016 година.

Комисијата за следење на изборните нерегуларности ја известува и потсетува јавноста дека во функција е  електронската адреса izbori@jorm.gov.mk на која граѓанските организации, но и граѓаните воопшто, можат да пријавуваат секакви сомненија за сторени кривични дела поврзани со изборите.

Сите пријави испратени на izbori@jorm.gov.mk веднаш ќе бидат проследени до Комисијата, која предметите ќе ги упатува на итно постапување кај надлежен јавен обвинител.

Дополнително на ова, Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите информации објавени во медиумите и при евентуални известувања за изборни нерегуларности ќе формира предмети и по допрен глас.