Основното јавно обвинителство – Скопје по допрен глас, а во врска со информацијата објавена во медиумите за наводна корупција при финансирање на политичка партија, оформи предмет заради проверка на наводите изнесени од страна на лицето Загорац Тумбовски.
Дополнително на 08.05.2014 година до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесена е кривична пријава од Социјалдемократскиот сојуз на Република Македонија против Гордана Јанкуловска – министер во Владата на Република Македонија за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст. 3 од КЗ и кривично дело – Даночно затајување од чл. 279 ст. 2 од КЗ. Оваа кривична пријава е приклучена кон веќе формираниот предмет за истиот кривично правен настан, бидејки во истата се наведува дека Гордана Јакуловска во својство на службено лице – генерален секретар на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја искористила својата службена положба и ги пречекорила границите на своите службени овластувања прибавувајки за себе противправна имотна корист. Во пријавата се наведува дека таа во два наврати од лицето Загорац Тумбовски на 06.12.2006 година на име донација на политичка партија ВМРО-ДПМНЕ примила 30.000 евра и на 20.12.2006 година по истиот основ примила 50.000 евра. Паричните средства не ги уплатила на сметка на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, ги задржала за себе, со што прибавила значителна имотна корист, а бидејќи не ги пријавила како свој приход одбегнала да плати данок. Во прилог на кривичната пријава во фотокопија доставени се две каса прими зголемени на А 4 формат, со посебен предлог дека истите дополнително ќе бидат доставени до вешто лице заради вршење на графолошко вештачење.
Постапувајќи по допрен глас и по кривичната пријава на 02.05.2014 година е извршен увид во предметот на Основен суд Скопје 1 – Скопје, КОК бр. 25/09 против Ј.Р, Т.И, З.Т и Б.С, за сторено кривично дело – Перење пари и други приноси од чл. 273 ст. 2 од Кривичниот законик. Од увидот се констатира дека во списите на предметот не се наоѓаат двете каса прими од З.Т од 06.12.2006 година и 20.12.2006 година за донација од вкупно 80.000 евра, како што беше објавено во медиумите.
По разгледување на доставената кривичната пријава, прилозите кон истата, направениот увид во судскиот предмет и прилозите објавени во јавните медиуми, Основното јавно обвинителство – Скопје наоѓа дека нема основи на сомнение дека се исполнети битни елементи на било кое кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност. Имено, за да постои кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 потребно е сторителот да има својство на службено лице согласно чл.122 од Кривичниот законик, односно потребно е да наводен сторител има јавни овластувања во правното лице, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, дадени со закон или пропис донесен врз основа на закон да му се доверени вршења јавни овластувања, кога должноста ја врши во рамките на тие овластувања.
Пријавената Гордана Јанкуловска, како генерален секретар на политичка партија во пријавеното време, за тоа дело го немала тоа законски определено својство. Во конкретниот случај ниту во Законот за политичките партии, ниту во друг закон не се предвидени такви овластувања на генералниот секретар. Во Статутот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во чл.17 не стои одредба според која генералниот секретар е орган на партијата, туку истиот според одредбите на Статутот по функција е член на Извршниот комитет на партијата, при што неговите надлежности исклучително се само во доменот на адмистративно – технички работи.
Од преземените проверки во конкретниот случај нема докази дека се примени пари од страна на пријавената и истите незаконито задржани.
Од друга страна, бидејки и во наводите на кривичната пријава се тврди дека паричните средства се примени на нелегален начин, па и да било така, на така остварени приходи не може да се пресметува и наплатува законски пропишан данок и не може кривично да се одговара за кривично дело – Даночно затајување од чл.279 од КЗ. Доколку и би се утврдило дека Гордана Јанкуловска примила парични средства во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и истите не ги внела во партиската каса, може евентуално да се работи за исполнување на битните елементи на кривичното дело – Затајување од чл.239 од Кривичниот законик, за кое гонењето се презема по приватна тужба или по предлог за гонење од оштетен до јавното обвинителство, а кој не е доставен во законски рок.
Од извршените проверки, исто така, не произлегоа основи на сомнение дека од страна на приjaвенaта е сторено друго кривично дело, поврзано со финасирање на политички партии, ниту друго кривично дело за кое се гони по службена должност, поради што Основното јавно обвинителство – Скопје одлучи да не поведува кривична постапка.
ОСНОВНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО – СКОПЈЕ