Соопштенија

СООПШТЕНИЕ по повод натписите во медиумите во врска со барањата до обвинителството да издаде Наредба за обдукција и ДНК анализа

Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека согласно постоечката норматива, јавното обвинителство има надлежност за кривични дела кои се сторени на територија на Република Македонија, како и за сторители на кривични дела кои сториле кривично дело во странство но, во моментот се наоѓаат на територија на Република Македонија, како и за странец кој надвор од територијата на Република Македонија ќе стори спрема неа или спрема нејзин државјанин кривично дело ако се затече на територија на Република Македонија или биде екстрадиран.

Тргнувајќи од тука, во случајот на починатото лице кое е најдено во водите на Егејското море, надлежно за постапување е Јавното обвинителството на Република Грција.

Според неофицијалните сознанија со кои располагаме, извршена е обдукција над телото на починатата од надлежните органи во Република Грција.

Јавното обвинителство не располага со сознанија за причината на смртта, но доколку е утврдено дека смртта настапила како последица на сторено кривично дело, тогаш постапката за евентуално гонење на сторител за извршено кривично дело ќе треба да се спроведува во Република Грција.

Јавното обвинителство на Република Македонија кога не поведува постапка нема надлежност ниту овластување да дава Наредби за ДНК анализа или за реобдукција.

Посмртните останки по пристигнување во Република Македонија ќе бидат предадени на семејството, по што сметаме дека не постои пречка по барање на семејството на починатата, надлежна институција да изврши ДНК анализа или реобдукција.