Соопштенија

Соопштение во врска со настаните во населбата Ѓорче Петров

Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против петмина учесници во насилните протести во скопската населба Ѓорче Петров. Имено, во протестот голема група лица со насилно однесување демонстрираа против убиството на осумнаесетгодишниот А.П. изразувајќи го револтот преку предизвикување на нереди и инциденти. Притоа попречени беа службени лица на Министерството за внатрешни работи во вршење на должноста, за што до Основното јавно обвинителство – Скопје беа поднесени кривични пријави против петмина учесници.

Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против лицата Д.З. (1978), З.М. (1984), Б.Н. (1984), Д.П. (1976) И Д.Н. (1995), осомничени за сторено кривично дело – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, од член 384 од Кривичниот законик на Република Македонија и поднесе Предлог за определување мерка Притвор, поради постоење на основите од член 470 од Законот за кривична постапка.

Надлежниот судија на предходна постапка од Основниот суд Скопје 1 – Скопје определи мерка Притвор за секој од осомничените, во времетраење од 8 дена.

За кривичното дело за кое се товарат осомничените согласно Законот за кривична постапка, пред судот се води скратена постапка во која притворот како мерка до поднесување на обвинителен предлог неможе да трае повеќе од 8 дена.

 

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА