Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека постапувајќи по поднесената Кривична пријава од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до надлежниот истражен судија при Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје I – Скопје, поднесе Барање за спроведување истрага против лицата С.Т. Јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Битола и Н.Х. вработен во истото обвинителство за кривично дело – Противзаконито посредување по чл. 359 ст.7 во врска со ст.2 и 3 од Кривичниот законик, со тоа што вршел влијание во повеќе предмети кои се во постапка заради добивање на противправна имотна корист, во што му помагало лицето Н.Х.
Против овие лица е предложена, а од страна на надлежниот суд е определена мерка притвор во траење од по 30 дена, а заради обезбедување на нивно присуство во текот на кривичната постапка, поради постоење опасност од бегство, како и реална опасност дека деколку се бранат од слобода ќе ја попречуваат истрага со влијание врз сведоците, другите соучесници и прикривачите, а досега прибраните докази укажуваат и на опасност дека истите би го повториле кривичното дело.
Барањето за спроведување истрага е поднесено врз основа на постоење на висок степен на основано сомнение дека наведените лица го извршиле кривичното дело, поради што истото е прифатено од страна на судот и по извршениот распит на обвинетите е донесено Решение за спроведување на истрага, а во тек е постапката за прибирање на предложените докази.
ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА