Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска оствари средба со Амбасадорот на Република Франција Кристоф Ле Риголер, со кого разговараше за состојбите во јавното обвинителство и за француската поддршка за реформите во правосудниот сектор воопшто.
Притоа, обвинителот Коцевски детално го запозна амбасадорот Ле Риголер со предизвиците особено во однос на кадровски и финансиски услови со кои се соочува Јавното обвинителство, како и со преземените активности за јакнење на транспарентноста и довербата во институцијата.
„За Јавното обвинителство на Република Северна Македонија меѓународната соработка е висок приоритет, а во тие рамки соработката со Република Франција се истакнува како исклучително важна. За нас и за вкупниот правен систем на Република Северна Македонија, особено вредно е богатото искуство што на експертско ниво може да го понуди правниот систем на Република Франција“, рече Коцевски.
Ле Риголер изрази поддршка за активностите на Јавното обвинителство, нагласувајќи дека правосудниот систем е клучна област за владеење на правото и секогаш е предмет на интерес од перспектива на членството на земјата во Европската унија.