Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска оствари средба со претседателот на Европравда Ладислав Хамран. На средбата присуствуваа и јавни обвинители од ЈОРСМ , како и јавниот обвинител за врска на Република Северна Македонија во Европравда Ленче Ристоска.
На средбата со Хамран, кој воедно е национален член на Република Словачка во Европравда, беше истакната досегашната соработка на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија со оваа европска институција, особено статистичките показатели и можностите што беа отворени со назначување на јавниот обвинител за врска.
Јавниот обвинител Јовески ја презентираше структурата, условите за работа и предизвиците со кои се соочува Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Притоа, Јовески и Хамран заеднички ја нагласија важноста на меѓународната соработка во сузбивањето на сериозниот и прекуграничниот криминалитет.