Соопштенија

Татко и син од Скопје осомничени за илегална трговија со дрога и психотропни супстанции

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица – татко и син, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во нивниот дом, на улицата „Козле“ во Скопје, двајцата осомничени на возраст од 60 и 35 години, држеле наркотична дрога – 588,22 грама марихуана и 4,25 грама кокаин, како и психотропни супстанции – 38,67 грама амфетамин и 2,29 грама MDMA (3-4-метилен-диоксиметамфетамин). При претрес на домот на 24 август, во заедничка соба во која имало и детски дел, полициските службеници ги пронашле дрогата и психотропните супстанции наменети за неовластена продажба, како и дигитални ваги и повеќе други предмети со траги од наркотична дрога. Синот и во раката држел рачно изработена цигара со нето маса од 0,85 грама мешавина од марихуана и тутун.

При претрес на автомобилот на таткото, пак, на паркингот кај поликлиниката „Букурешт“, биле пронајдени уште 50,39 грама марихуана.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, поради опасност од криење и бегство, но и можност да го повторат делото.