Соопштенија

Тројца обвинети за насилство во гостиварско Сенокос

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Насилство од член 386 став 2 од Кривичниот законик.

Обвинетите, на 3 јануари, во селото Сенокос, како соизвршители во група извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на друг, а во јавноста предизвикале чувство на несигурност и страв. Откако оштетениот го оставил својот автомобил пред перална за возила, од блиското кафуле излегол еден од обвинетите и без причина го нападнал со нож, нанесувајќи му една убодна рана во рамото. Веднаш потоа од кафетеријата излегле и другите двајца обвинети, кои започнале да го удираат со тупаници, клоци и дрвени палки по целото тело. Оштетениот бил префрлен во гостиварската болница, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.​