Основниот суд Куманово ја уважи жалбата на кумановското обвинителство изјавена против решение на судија за извршување на кривични санкции донесено на 19 февруари 2021 година, со кое на осудениот Б.И. од Куманово му се одобри барањето за одлагање на почетокот за извршување на казната затвор.
Имено, обвинителството незадоволно од донесеното решение, поднесе Жалба на 22 јануари 2021 година, со која побара кривичниот совет при Основниот суд Куманово да го преиначи решението во насока осудениот веднаш да ја извршува досудената казна. Казната затвор во траење од 4 години, по поднесено обвинение на кумановското обвинителство и судска постапка, на осудениот му беше изречена од Апелациониот суд, а за сторено кривично дело – Тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Осудениот го стори кривичното дело на 25 јуни 2016 кога со автомобил му нанесе тешки телесни повреди со смртна последица на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово.
Одлучувајќи по поднесената жалба од обвинителството, Основниот суд Куманово донесе Решение со кое го преиначи решението на судијата за извршување на кривични санкции и осудениот го задолжи веднаш по приемот на одлуката да се јави во казнено поправна установа за да започне со издржување на затворската казна.