Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 29-годишен велешанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 од Кривичниот законик.
Како учесник во сообраќајот, осомничениот на 17 декември под дејство на алкохол управувал автомобил „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки. На улицата „Борис Трајковски“ во Велес, приоѓајќи на обележан пешачки премин, тој не го управувал возилото со соодветна брзина која дозволува да запре во случај на потреба и не обрнал внимание на пешаците – мајка и ќерка кои во тој момент поминувале на пешачкиот премин. Со автомобилот тој удрил во мајката која паднала на земја и се здобила со телесна повреда – отворена рана на челото и во 11-годишното девојче кое од ударот било исфрлено десетина метри напред кон следниот пешачки премин, паднало и се здобило со тешки телесни повреди од кои починало на лице место. По несреќата, осомничениот не застанал да им укаже помош, туку продолжил со несмалена брзина да се движи кон населбата Превалец.
Осомниченото лице денеска беше лишено од слобода, а надлежниот јавен обвинител вечерва до Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор со цел да се обезбеди неговото присуство и непреченото одвивање на кривичната постапка.