Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по поднесена кривична пријава од Царинската управа, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст. 1 од Кривичниот законик.
Станува збор за државјанин на Венецуела, со потекло од Египет, кој допатувал во Македонија на 05.12.2018 година со лет на релација Цирих-Скопје. Царинските службеници на скопскиот аеродром, при извршен личен преглед и преглед на личниот багаж на ова лице, пронашле и одзеле наркотична дрога – кокаин во зипер вреќичка со нето маса од 332,6 грама скриена во рачките од куферот. Во исто време биле пронајдени и шест најлонски вреќички со вкупна нето маса од над 1,5 килограми кои биле сошиени во долната облека.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, а особено дека постои опасност осомничениот да избега и да го повтори кривичното дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог на осомниченото лице да му биде определена мерка притвор.