Соопштенија

Во Гостивар поднесено обвинение заради предизвикување опасност и спречување на службено лице во вршење службено дејствие

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен  предлог против две лица,  жители на с. Лакавица, на возраст од 27 и 52 години, кои вечерта на 12 септември 2020 година предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и спречиле службено лице во вршење на службени дејствија.

Имено, вечерта околу 21.50 часот, службени лица, четворица полицајци, забележале патничкото моторно возило Голф  натоварено со огревни дрва.  Тие се приближиле кон возилото, но во тој момент, првообвинетиот влегол во возилото и тргнал по угорнина, со намера да побегне од самото место. Откако не успеал во тоа, првообвинетиот почнал да го враќа возилото со рикверц наназад кон оштетените полицајци, со што предизвикал значителна опасност и го сторил кривичното дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. За тоа време, второобвинетиот со употреба на сила не им дозволувал на оштетените полицајци да се приближат до возилото и со тоа го сторил кривичното дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 1 од Кривичниот законик.