До завршување на изборниот ден, сумарно во Основните јавни обвинителства во Република Македонија се постапува во 6 (шест) кривично правни настани, од кои еден во Основното јавно обвинителство Битола, два во Основното јавно обвинителство Кочани и три во Основното јавно обвинителство Скопје. Во нив обвинителството постапува поради утврдено постоење на основано сомнение дека се сторени кривични дела поврзани со изборниот процес. Во текот на овие предистражни постапки кои се водат во обвинителствата се преземаат дејствија за прибирање на вербални и материјални докази за комплетирање на предметите и донесување на јавно обвинителски одлуки за натамошно постапување. Делата за кои се водат постапките се однесуваат на Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик, Злоупотреба на избирачко право од член 161 од КЗ и Изборна измама од член 165 од Кривичниот законик.
Основните јавни обвинителства во Република Македонија исто така постапуваат и за други 7 (седум) настани, за кои јавните обвинителства имаат добиено известувања од Министерството за внатрешни работи или пријави од граѓани и други надлежни институции, а каде засега има само основи на сомнение дека има елементи на сторени кривични дела. Во овие предистражни постапки за настани кои се случиле на територија на Основните јавни обвинителства Битола, Охрид, Струга, Скопје и Кочани, јавните обвинителства преземаат дејствија за утврдување на факти, во насока на тоа дали воопшто има елементи на сторени кривични дела. Постапките се за евентуално сторени кривични дела Повреда на слобода на определување на избирачите од член 160 од Кривичниот законик, Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик и Противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори и членот од член 165 в од Кривичниот законик.
“Во текот на изборниот ден, во Основните јавни обвинителства, како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса izbori@jorm.gov.mk пристигнати се бројни известувања. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должности и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За останатите известувања, јавните обвинители преземаат дејствија во предистражна постапка за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот”, изјави претседателот на Привремената Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.
За овие настани, како и за сите останати информации и известувања кои евентуално би пристигнале во Јавните обвинителства, надлежните јавни обвинители, како и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности , итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расветлување на настаните.