Соопштенија

Во Скопје одржана Регионална средба на специјализираните јавни обвинителства за гонење организиран криминал и корупција

Во организација на Институтот за демократија, во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а со поддршка на Амбасадата на Франција во Северна Македонија, на 3 октомври се одржа Регионална средба на специјализираните јавни обвинителства за гонење на организиран криминал и корупција од неколку земји од регионот.

Настанот имаше за цел да придонесе кон зајакнување на довербата и олеснување на соработката меѓу обвинителствата од регионот преку редовна размена на искуства, знаења и најдобри практики.
Во рамки на агендата, учесниците дискутираа за ефективни модели на соработка со Франција, предизвиците и најдобрите практики во аналитичките операции, како и можностите и пречките во истрагите за криптовалути и конфискација на имот.

На средбата присуствуваа јавни обвинители од специјализираните обвинителства за организиран криминал и корупција од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Словенија и Албанија.

На отворањето свои обраќања имаа, Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција во Северна Македонија, Љупчо Коцевски, јавен обвинител на Република Северна Македонија, Ислам Абази, јавен обвинител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер истакна дека организираниот криминал и корупцијата се големи проблеми кои ги засегаат државите на многу сериозен начин и имаат големо влијание на граѓаните, на безбедноста, на еконимијата и начинот на живот. „Во оваа смисла, Франција отсекогаш била предводник на борбата против организираниот криминал и навистина е задоволство да работиме заедно со толкав голем број на колеги. Соработката е многу важна во борбата со организираниот криминал и корупција, ова е клучно и може да направи многу голема разлика во смисла на ефикасноста. И реалноста е тоа дека ниту една земја и ниту едно обвинителство нема да може да се справи со овој голем предизвик ако работи самостојно и излолирано. Затоа, сметаме дека градејќи мрежи како формални така и неформални и пред сѐ градењето на доверба меѓусебно е нешто што го поттикнува целиот проект“.
Ле Риголер истакна дека целта на програмата е јасна – зајакнување на врските меѓу јавните обвинителства во регионот, потоа и со Франција, за да се обезбеди редовна и безбедна размена на информации и податоци од значење за кривичната правда. Во своето обраќање додаде дека развивањето на оваа мрежа на соработка, претставува суштински дел од процесот на приближување кон Европската унија, особено во областа на владеењето на правото.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, истакна дека организираниот криминал не познава граници и дека само преку заеднички и координиран пристап може ефикасно да се одговори на заканите што ги носат современите облици на криминал. „Криминалните групи се динамични, прилагодливи и ги користат слабостите на системите, надминувајќи ги нашите национални граници. Под закана од меѓународната трговија со дрога, трговијата со луѓе, компјутерскиот криминал, корупцијата и перењето пари, ниту еден од нас, ниту едно јавно обвинителство не може самостојно да биде ефикасно. Упатени сме на постојана соработка и размена на информации, затоа што нашиот одговор на криминалот мора да биде заеднички и координиран.“ Во завршниот дел од своето обраќање тој нагласи дека само преку доверба, транспарентност и солидарност може да се достигнат европските стандарди на владеење на правото.

Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, нагласи дека регионалната соработка е клучна во борбата против организираниот криминал, особено кога станува збор за современи облици на криминалитет кои бараат високо ниво на доверба, координација и размена на информации меѓу институциите. Посочи дека за да се постигнат повисоки стандарди во борбата против организираниот криминал, неопходно е продлабочување на регионалната соработка и размена на искуства со земји со докажано знаење и експертиза, како Франција, особено во областа на финансиските истраги и конфискацијата на имот. „Во интерес на правдата и безбедноста во регионот, нашата соработка мора да продолжи да се гради и негува врз принципите на доверба, координација и размена, на информации. Како специјални обвинители имаме одговорност да работиме заедно и да обезбедиме правдина за сите граѓани, спречувајќи и санкционирајќи ги криминалните активности, особено оние со транснационален карактер.“ Абази истакна дека од особено значење е што овој проект има слух за нивните потреби и ќе се фокусира на клучни аспекти како аналитика, финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнати средства.

Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, посочи дека ваквите средби претставуваат значаен чекор во унапредувањето на соработката меѓу обвинителствата во борбата против корупцијата и организираниот криминал на Балканот. „Чувствувам потреба да ја нагласам важноста на интересот на граѓаните, а со тоа и на целиот наш регион, како крајни корисници на правдата, безбедноста и јавните ресурси. Нашата заедничка мисија, во суштина, е да ги обезбедиме и гарантираме токму овие придобивки за луѓето кои живеат во Западен Балкан. Токму во оваа насока е развиена оваа иницијатива, и им благодарам на сите што беа вклучени во организацијата на оваа средба.“ Трошановски нагласи дека довербата е основен предуслов за функционирање на
институциите, бидејќи без неа државите се соочуваат со неуспех. „Затоа нашиот придонес лежи во интензивна и организирана соработка меѓу јавните обвинителства и затоа и го орагнизираме овој настан. Би сакал да нагласам уште еден аспект: покрај надворешната поддршка и помош за ваквите механизми на соработка, особено важно е и јакнењето на самостојноста, одржливоста и внатрешните иницијативи на самите јавни обвинителства во регионот, кои треба да бидат поддржани и во иднина,“ истакна Трошановски.

Преку вакви средби се создава простор за директна размена на искуства и знаење за нови техники и пристапи во својата работа, како и конкретни договори за соработка на случаи од заеднички интерес. На тој начин, специјализираните јавни обвинителства од регионот и понатаму ќе придонесуваат кон посилна борба против организираниот криминал и корупцијата.

Оваа средба беше дел од проектот „Judicial Cooperation for the Fight against Organised Crime in the Balkans,“ што го спроведува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, со финансиска поддршка од Амбасадата на Франција во Северна Македонија.