Соопштенија

Возач на автобус на ЈСП осомничен за предизвикување тешка сообраќајна несреќа

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец постапувајќи по кривична пријава, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3  и став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 12 август, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи автобус сопственост на ЈСП Скопје по општинскиот пат Шуто Оризари –Горно Оризари, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето.

Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица која го поврзува општинскиот пат со улицата “Александар Урдаревски”, постапил спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока.

Дејствието го сторил невнимателно, без претходно да се увери дека може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот и имотот, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење. Како резултат на наведениот пропуст со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил “Форд галакси” со скопски регистарски ознаки, со кого управувал 17-годишник кој немал стекнато право за управување со моторно возило.

При ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а неговиот сопатник во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност.

Надлежниот јавен обвинител за осомничениот предложи мерки на претпазливост – привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице.