Основното јавно обвинителство – Скопје предложи мерки на претпазливост за 13 лица вработени во Агенцијата за катастар на недвижности

Скопје, 01 Јули 2016

Основното јавно обвинителство – Скопје, оформи предмет поради постоење на основано сомневање дека 13 лица од Скопје, вработени во Агенцијата за катастар на недвижности сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по чл.353 од Кривичниот законик.

Пријавените во временскиот период од 01.01.2013 година до 16.03.2016 година, во својство на катастарски службеници – референти за шалтерско и архивско работење, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, прибавиле за себе противправна имотна корист . Имено, при приемот на пријавите – барањата од странки, наплатата на надоместокот (административната такса) ја вршеле за парични средства во готово при што ги убедувале странките дека им помагаат со тоа што надоместок тие лично ќе го платат преку нивните лични платежни картички. Осомничените веднаш по направеното плаќање со платежните картички преку постерминалите вршеле сторнирање на направените трансакции, а кон примените пријави – барања од странките го приложувале веќе испечатениот „слип” – потврда за извршено плаќање, како доказ дека административната такса е наплатена и предметот го пуштале во понатамошна процедура. Добиените парични средства во готово ги присвојувале за себе и притоа се стекнале со противправна имотна корист во износ од 1.883.433,00 денари.

​Со оглед на тоа што за непречено водење на кривичната постапка е потребно да се обезбеди присуството на осомничените, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување на мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности што се поврзани со кривичното дело, предвидени во член 146 ст.1 т.1, 2, 3 и 7 од Законот за кривична постапка.

11 total views, no views today

Одобрен притвор за осомничениот за убиството во кумановско Доброшане

Скопје, 30 Јуни 2016

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово, ценејќи дека има основи, до судијата на претходна постапка поднесе Предлог за определување мерка – Притвор за осомниченото лице што вчера беше задржано во Полициската станица во Куманово.

Во исто време наредено е психијатриско вештачење на осомничениот, како и вештачење на материјалните докази пронајдени при претресот на неговиот дом.

Во текот на вчерашниот ден, во бунар, во непосредна близина на црквата „Света Мина“ во с. Доброшане, беше пронајдено тело на момче со прострелна рана на десната слепоочница. По извршениот увид, надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за обдукција на телото на починатото лице, наредби за вештачење на материјалните траги што беа подигнати од местото на настанот, како и Наредба за претрес на домот во кој живеел осомничениот.

Момчето неколку дена се водеше како исчезнато.

Дополнување:

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на надлежниот јавен обвинител и на осомничениот Д.Д. му одреди мерка Притвор во траење од 30 дена.

13 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Куманово ги истражува причините за смртта на едно лице пронајдено во бунар

Скопје, 29 Јуни 2016

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово изврши увид на место во близина на црквата „Света Мина“ во село Добрoшане, каде во бунар кој се наоѓа во борова шума е пронајдено безживотно тело.

Во координација со Министерството за внатрешни работи, нуркачи го извадиле телото на кое што била видлива прострелна рана на десната слепоочница. На местото се пронајдени траги од крв и една чаура.

Лицето е идентификувано и се водело како исчезнато неколку дена. Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и наредба за вештачење на материјалните траги пронајдени на местото на настанот.

За случајот осомничено е едно лице, кое е задржано во полициска станица и за кое е нареден претрес на неговиот дом.

14 total views, no views today

Притвор за гостиварецот осомничен за убиство во Гостивар

Скопје, 29 Јуни 2016

По предлог на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка определи мерка Притвор во траење од 30 дена за лицето кое само се пријави во полициска станица како учесник во завчерашното пукање во Гостивар кога животот го загуби 26-годишен гостиварец.

Основното јавно обвинителство – Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лицето за сторено кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик.

За расветлување на кривично правниот настан веќе се издадени повеќе наредби за вештачење на подигнатите материјални траги и предмети, огненото оружје и возилото на осомничениот.

14 total views, 2 views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар го истражува вчерашниот настан во кој едно лице го загуби животот

Скопје, 28 Јуни 2016

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде Наредба за спроведување на истрага за синоќешното пукање во Гостивар кога животот го загуби дваесет и шест годишен гостиварец. За расветлување на кривично правниот настан во текот на денешниот ден издадени се низа наредби за вештачење на подигнатите материјални траги и предмети, огненото оружје и возилото на осомничениот.

Вчера вечер околу 9.30 часот сега починатото лице било паркирано со своето возило од левата страна на улицата „Седек Костоски“ во Гостивар, кога од спротивната страна со автомобил наишол осомничениот со своето семејство. Во критичниот момент настанала расправија и сега починатиот со метален предмет удрил во возилото на осомничениот, а тој извадил пиштол што го поседувал со дозвола и во паника испукал три куршуми во правецот на сега починатото лице. Еден од куршумите завршил во телото на починатиот кој во контактибилна состојба бил пренесен во Општата болница – Гостивар. Поради сериозноста на повредите, истиот е испратен во Клиничка болница – Скопје каде при извршување на интервенцијата во текот на ноќта починал.

Осомничениот околу 23 часот се предал во Полициската станица – Гостивар.

За текот на сите преземени дејствија што нема да наштетат на истрагата јавноста ќе биде навремено информирана.

23 total views, no views today

Притвор за лицето кое се обиде да прегази тричлено семејство во Куманово

Скопје, 27 Јуни 2016

По предлог на надлежен јавен обвинител од Основното обвинителство – Куманово, судијата на претходна постапка од Основниот суд – Куманово, одреди мерка Притвор во траење од 30 дена за едно лице против кое е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело Убиство во обид.

Имено, лицето се товари дека додека чекал ред со неговата девојка во Здравствениот дом – Куманово влегол во расправија со друго лице заради непочитување на редот за прием во амбулантата. Во текот на расправијата оштетениот му се заканил на осомничениот. При излезот од  Здравствениот дом осомничениот бил нападнат од три други лица кои започнале да удираат по ветробранското стакло на неговиот автомобил. Избегнувајќи го нападот, осомничениот се упатил кон центарот на градот, при што со своето возило марка „Мерцедес“ се обидел да го прегази оштетеното лице, неговата сопруга и малолетното дете. Сите тројца биле повредени, а со најтешки телесни повреди се здобило детето.

По извршениот увид на лице место со оглед на околностите под кои се случил настанот, Јавниот обвинител даде наредба до СВР Куманово постапката да се води како итна, а лицето учесник – возач да биде задржано заради натамошно постапување.

Јавниот обвинител изврши испитување на осомничениот, а ќе бидат испитани и другите инволвирани во случајот. Истовремено, се наредени вештачења за карактерот и тежината на здобиените повреди на сите оштетени, како и невропсихијатриско вештачење за пресметливоста на осомничениот во критичниот момент.

16 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Куманово работи на расветлување на несреќата во лифтот

Скопје, 27 Јуни 2016

Основното јавно обвинителство – Куманово издаде наредба за вештачење на лифтот во кој вчера загина 6-годишно момче. Вештачењето ќе се врши на Машинскиот факултет во Скопје и треба да ги утврди причините за несреќата.

По наредба на надлежен јавен обвинител, лифтот е целосно изолиран и обезбеден со полициско присуство. Во исто време, обвинителот издаде наредба за одземање на севкупната документација од фирмата задолжена за сервисирање на лифтот, како и прибирање на друга неопходна документација потребна за расветлување на случајот.

Дополнително, уште во текот на вчерашниот ден издадена е наредба за обдукција на телото на починатото момче.

22 total views, 1 views today

Притвор за лице осомничено за полов напад врз дете

Скопје, 20 Јуни 2016

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Битола по добиената кривична пријава против 45 годишен битолчанец донесе наредба за спроведување на истражна постапка. На осомничениот му се става на товар дека сторил продолжено кривично дело „Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години “.

Со оглед на природата на кривичното дело и начинот на извршување на истото, оправдан е стравот дека доколку осомничениот биде на слобода би можел да се даде во бегство, да ги уништи трагите на кривичното дело, да го повтори делото, да стори друго кривично дело или да ја попречува истрагата. Во исто време, како очув на жртвата со која живеат во иста семејна заедница може да влијае врз детето и врз други сведоци во текот на истражната постапка, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд – Битола поднесе и Предлог за определување на мерка – Притвор. Судијата се согласи со предлогот и донесе Решение со кое на осомничениот му се определува мерка – Притвор во траење од 30 дена.

Имено, во текот на првата половина од месец јуни 2016 година, на точно неутврден ден, во вечерните часови во семејниот дом во Битола осомничениот – очув на, извршил други полови дејствија врз дете кое не наполнило 14 години. Делото го повторил и на 18.06.2016 година околу 05.00 часот. ​

19 total views, no views today

Осуденик се самозапалил и со автомобил удрил во зградата на Основниот суд – Битола

Скопје, 20 Јуни 2016

Околу 3 часот утрово, 67-годишен битолчанец се полеал со бензин и се самозапалил, па со автомобил во кој имало плинска боца од 10 литри удрил во скалите од зградата на Основниот суд – Битола. Плинската боца не експлодирала.

Судскиот полицаец успеал да го изгасне лицето кое со тешки телесни повреди е пренесено на клиниките во Скопје. На местото на настанот увид извршил надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Битола.

Лицето било осуденик кој денеска требало да започне со издржување казна затвор во траење од 10 години за сторено кривично дело – Полов напад врз дете кое не навршило 14 години.

За понатамошниот тек на постапката јавноста ќе биде дополнително информирана.

12 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Куманово ги истражува причините за смртта на родилката

Скопје, 16 Јуни 2016

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство -Куманово веднаш издаде Наредба за обдукција на телото на починатата родилка, како и насоки за прибирање на информации за утврдување на причините што довеле до смртта на родилката.

Имено, во текот на вчерашниот ден сега починатата 37 годишна родилка од Крива Паланка била донесена во Јавната здравствена установа Општа болница – Куманово во ОЕ за гинекологија и акушерство, каде по безуспешниот обид за спонтано породување, со одлука на надлежните гинеколози се пристапило кон породување со царски рез. Изведувањето на царскиот рез течело нормално и на свет било донесено здраво машко дете.

По будењето од анестезија на родилката и се влошила состојбата, по што итно е испратена во придружба на анестезиолог, анестетичар и медицинска сестра од интензивно лекување на скопските клиники. На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување била примена и покажувала знаци на живот. Откако починала била вратена во кумановската болница, по што бил известен јавен обвинител.

Телото утринава е однесено на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија. По добивањето на обдукцискиот протокол јавноста ќе биде информирана за понатамошниот тек на постапката.

На родилката ова и била седма бременост.

9 total views, no views today

Page 1 of 3012345...102030...Last »