Наредена истрага против осомничени за хеликоптерската несреќа кај Струмица

Скопје, 28 Јуни 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против три осомничени лица за хеликоптерската несреќа што се случи на 10 јули 2014 година, кога се урна хеликоптер тип МИ 17 В5 со регистарска ознака МАП 7712, во сопственост на МВР Скопје, во кој загинаа четворица полициски пилоти.

Бројните прибрани докази и извршени анализи до овој момент укажуваат на основано сомнение дека лицата извршиле кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.2, а во врска со чл.288 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител и во текот на истрагата ќе продолжи да прибира податоци и докази, како и да сослушува сведоци кои ќе помогнат за целосно расветлување на случајот. Ќе бидат сослушани и осомничените лица.

За потсетување, веднаш по хеликоптерската несреќа, на 10 јули 2014 година јавниот обвинител изврши увид на лице место, при што беа издадени наредби:

- за скицирање, фотографирање и снимање на местото на несреќата со беспилотно летало,

- за земање отпечатоци од прсти од четирите тела пронајдени на местото на несреќата,

- за обдукција на четирите тела,

- за вештачење на примероци од урина и крв земени од контролорите на лет вработени во МВР на РМ Скопје,

- за изработка на геодетски елаборат за ситуацијата на местото на несреќата и изработка на теренска скица со премерување,

- за вештачење на системот за светлосно означување на антенскиот столб од среднобранов радиопредавател со висина од 120 метри сопственост на ЈП Македонска радиодифузија Скопје, како и за анализа на електричното напојување и исправноста на сигналните светилки поставени на столб,

- за анализа на траги од боја подигнати на лице место од антенскиот столб и од задната елиса на хеликоптерот,

-за одземање на аудио и видео снимка на случувањата на хеликоптерската несреќа од мобилен телефон на физичко лице и одземање на видео снимките од безбедносни камери поставени на објекти во непосредна близина на местото на несреќата,

- за подигање примероци од уље и горива од главниот редуктор, меѓуредуктор, радијатор за ладење, опашен ротор, носечки ротор, опашен редуктор, ладилник од главен редуктор и страничен резервоар сите од урнатиот хеликоптер заради вештачење.

- за подигање, идентификување, класирање и пакување на сите остатоци од хеликоптерската несреќа.

- за вештачење на мобилни телефонски апарати сопственост на загинатите пилоти пронајдени на местото на несреќата.

Извршени беа разговори со претставници на противпожарната служба кои први пристигнале на местото на несреќата како и со повеќе лица очевидци на хеликоптерската несреќа. По сите Наредби издадени од надлежниот јавен обвинител надлежните институции постапија и доставија конкретни извештаи, кои претставуваат основа за наредената истрага.

79 total views, 1 views today