Наредба за спроведување на истражна постапка за уште две лица за случајот со штитеничката од домот

Скопје, 04 Мај 2018

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за уште две лица македонски државјани инволвирани во предметот со случајот на штитеничката од ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело Трговија со дете од чл.418-г ст.4 во врска со ст. 3 од Кривичниот законик, за кое дело е предвидена казна затвор од најмалку 12 години.

Осомничените иако знаеле дека детето е жртва на трговија со луѓе биле корисници на сексуални услуги и друг вид екплоатација од малолетното лице.
По предлог на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје на осомничените лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Како што веќе информиравме, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги написите во врска со овој случај отвори предмет по допрен глас. По спроведени предистражни дејствија, надлежниот јавен обвинител во февруари донесе Наредба за спроведување на истрага против едно лице за сторено кривично дело Трговија со дете од чл.418-г ст.2 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик. Тогаш, на Предлог на јавниот обвинител со одлука на судот на лицето му беше определената мерка притвор која се продолжува во континуитет согласно постојаното прибирање на доказниот материјал за расветлување на овој кривично правен настан. ​ Осомниченото лице од декември 2017 година до 6.02. 2018 година употребувајќи сила, измама и присилба, а воедно искористувајќи ја детската немоќ, го подвела оштетеното дете на вршење на полови дејствија со полнолетни мажи во повеќе градови низ земјава. Осомничената го превезувала детето, го продавала, го нудела на продавање заради експлоатација по пат на користење на сексуални активности за паричен надоместок, го присилувала на принудна работа и слугување и организирала и присилен брак што не се реализирал.

125 total views, 1 views today