Основното јавно обвинителство – Тетово гони три лица за изнуда и противправно лишување од слобода

Скопје, 20 Август 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за сторено кривично дело Изнуда од чл.258 ст.2 вв со ст.1 вв со чл.22 и чл.19 од Кривичниот законик.

Настанот се случил вечерта на 16 август во период од 21:23 до 00:01 часот по полноќ во стан на осми кат од зграда во Тетово. Оштетениот бил повикан од третото осомничено лице кое живеело во станот и откако влегол внатре, лицето излегло од станот и ја заклучило вратата. Тогаш од друга просторија излегле првоосомничените лица и се заканиле по животот на оштетениот барајќи му сума од 20 000 евра. Исплашен за својот живот, оштетениот се јавил на својот син и му кажал дека противправно е затворен. Вечерта во неколку наврати прво и второосомничениот се јавувале на синот на жртвата барајќи ја наведената сума. Откако синот рекол дека ги обезбедил парите, се договорил со осомничените да се најдат пред бензинска пумпа, но истиот не отишол на наведеното место туку настанот го пријавил во полиција.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Тетово достави Предлог за определување на мерката притвор за двајца од осомничените. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со Решение им изрече мерка притвор на осомничените лица во времетраење од 30 дена.

За третото лице кое со преземените дејствија сторило кривично дело Противправно лишување од слобода од чл.140 ст.1 од Кривичниот законик, обвинителството ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука по спроведување на истражната постапка во фаза на покренување на обвинение.

105 total views, 1 views today