Под истрага четири лица за злоупотреба на службена положба и овластување

Скопје, 26 Октомври 2018

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, македонски државјани. На осомничените им се става на товар дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в ст.1.

Имено, првоосомничениот во својство на извршен орган на општината, потпомогнат од второ и трето осомничените и поттикнат од четвртоосомниченото лице во периодот од 2013 до 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што со четвртоосомниченото лице склучил договор за продажба на објект – реконструирана стара училишна зграда и земјиште во сосопственост на Општина Демир Капија за износ десет пати помал од реалната пазарна цена. При продажбата не е земена предвид претходно инвестираната реконструкција на објектот со средства од Договорот за грант од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ наменет за Република Македонија. На тој начин четвртоосомниченото лице се стекнало со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Општина Демир Капија.

Воедно, првоосомничениот во текот на 2017 година без надомест ја отстапил фондацијата чиј основач била Општина Демир Капија на свој близок роднина, со што му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на општината во износ од 4.208.922,00 денари. Со преземените дејствија осомничените го оштетиле Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 5.021.000,00 денари и буџетот на Општина Демир Капија во износ од 10.434.569,00,00 денари.

На предлог на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје со Решение на тројца осомничени им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а за четвртоосомниченото лице е определена мерка – куќен притвор.

 

88 total views, 1 views today