Поднесено обвинение за учество во странска војска, паравоени или параполициски формации

Скопје, 27 Декември 2018

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведена истражна постапка поднесе Обвинителен акт против седум македонски државјани. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, предвидено и казниво по член 322-а став 3, а едно лице се терети и за сторено кривично дело Терористичка организација по член 394-а став 2 од Кривичниот законик. Петмина од обвинетите се дел од истражни постапки во рамките на претходни акции познати во јавноста како Ќелија 1 (август 2015) и Ќелија 2 (јули 2016), но беа недостапни на органите на прогонот и за нив беа активни национални и меѓународни потерници.

Обвинетите како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак. Со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале за Сирија каде се обучувале и учествувале како борци на ИСИС. Освен што учествувале во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, користејќи ги социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица да учествуваат во паравоени формации надвор од Република Македонија. Обвинетиот на кој му се ставаат на товар две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“.

Во август годинава обвинетите се предадени на македонските органи на прогонот откако беа лишени од слобода во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили.

Ценејќи дека сѐ уште постојат законските основи поради кои на обвинетите им беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител заедно со Обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на притворот за обвинетите.

87 total views, 2 views today