Наредба за истрага за две лица за кривично дело Трговија со дете

Скопје, 03 Мај 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица, македонски државјани, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Трговија со дете предвидено и казниво по член 418 – г во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Во текот на месец април годинава, во с. Бучим,радовишко, првоосомничениот, кој е малолетник, со употреба на сила, измама и присилба, искористувајќи ја немоќта на жртвата, ја подвел својата петнаесетгодишна роднина на присилен брак. Тој, заедно со второсомничениот кој знаел за возраста на девојчето, претходно се договориле за сума од 1600 евра да му ја донесе својата роднина.

На 17 минатиот месец, првоосомничениот го земал девојчето и го однел на договореното место каде второосомничениот ја исплатил побараната сума и го повел со себе девојчето кое пружало отпор при што врз него употребил физичка сила, психолошко насилство и обид за обљуба. Девојчето искористило момент и избегало, по што се јавило на домашните со кои подоцна го пријавила настанот во ПС Радовиш.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за двете осомничени лица. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со Решение за едниот осомничен изрече мерка притвор во траење од 30 дена, додека за малолетникот се изречени мерки на претпазливост од страна на судијата за малолетници.

68 total views, 2 views today