Основното јавно обвинителство Гостивар побара притвор за лице кај кое е пронајдено оружје

Скопје, 21 Ноември 2018

По оперативни сознанија извршен е претрес на местото каде престојувало осомниченото лице, 30-годишен државјанин на Република Албанија кој илегално престојувал на територијата на Република Македонија. При тоа пронајдени се пушка – калашњиков и рамка со дваесет куршуми, како и повеќе предмети чие потекло се истражува, а за кои постои сомневање дека потекнуваат од извршени други кривични дела. Истражната постапка продолжува во насока на утврдување евентуално учество на осомничениот и во други кривично правни настани.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот поведе постапка против осомничениот за сторено кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Судот со решение го прифати предлогот на обвинителството и на осомниченото лице му определи притвор во времетраење од 30 дена.

19 total views, no views today

Притвор за извршител на тешка кражба во Прилеп

Скопје, 21 Ноември 2018

По поднесена кривична пријава од страна на МВР ПС Прилеп, во Основното јавно обвинителство Прилеп поведена е постапка против едно лице, државјанин на Република Албанија, поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Осомничениот ноќта на 20.11.2018 година, со употреба на сила искршил заштитна решетка од колонијална продавница лоцирана на ул.„Архиепископ Доситеј“ во Прилеп. Со намера противправно да одземе туѓи подвижни предмети, го искршил стаклото од влезно-излезната врата со соодветен алат и влегол во продавницата, при што бил затекнат од страна на службени лица на Полициската станица Прилеп.

Надлежен јавен обвинител ценеше дека идентитет на осомничениот во моментов не може да се утврди поради тоа што лицето не поседува никаков идентификационен документ и го нема регулирано престојот со негово пријавување пред надлежен орган, нема постојано место на престојување во Република Македонија. По влегување на територијата на Република Македонија пред околу 3 месеци, осомничениот престојувал во различни градови и објекти.

Од тие причини согласно член 470 став 1 точка 1 од Законот за кривична постапка, а поради постоење особени околности што укажуваат на опасност од бегство, од страна на Основното јавно обвинителство Прилеп до Основниот суд Прилеп е поднесен предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп го прифати предлогот на надлежниот обвинител, па со решение на обвинетиот му определи мерка притвор во траење до 8 дена.

21 total views, no views today

Поведена постапка и побаран притвор за петмина за кривично дело Насилство

Скопје, 20 Ноември 2018

Петмината осомничени биле учесници во физичка пресметка во Гостивар, каде на 14 ноември годинава, во 14.00 часот во центарот на градот, на прометната улица „Браќа Ѓиновски“ нападнале две лица употребувајќи физичка сила и дрвени палки. Мотивот за нападот е предмет на натамошно утврдување во истражна постапка која ја води надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар.

За стореното кривично дело Министерството за внатрешни работи по спроведена акција лиши од слобода пет лица. Основното јавно обвинителство Гостивар  поведе постапка во која лицата ги гони за сторено кривично дело Насилство од  член 386 став 6 во врска со став 3, во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Имајќи ги предвид видот и тежината на стореното кривично дело, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави Предлог за определување на мерката притвор за сите петмина осомничени. Судот со решение го прифати предлогот на обвинителството, по што на тројца од осомничените им определи притвор во времетраење од 30 дена, а на двајца од осомничените им определи куќен притвор. Надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска го обжали донесеното Решение на судот, во делот на определената мерка куќен притвор.

 

29 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Тетово ќе ја обжали ослободителната пресуда за лекар-гинеколог

Скопје, 16 Ноември 2018

Основното јавно обвинителство Тетово во целина останува на наводите дадени во обвинението против обвинетиот лекар-гинеколог за кого Основниот суд Тетово денеска изрече ослободителна пресуда за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето кое му се ставаше на товар.

Обвинителството цени дека обвинетиот го сторил кривичното дело кое му се става на товар и дека доказите кои беа обезбедени од страна на обвинителството ги докажуваат наводите во обвинителниот акт.

Основното јавно обвинителство Тетово ја известува јавноста дека е незадоволно од донесената пресуда и ќе вложи жалба во законскиот рок.

27 total views, no views today

Започната предистражна постапка во врска со бегството на Н.Г.

Скопје, 15 Ноември 2018

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција следејќи ги информациите во врска со бегството на осудениот Н.Г., како и написите на медиумите и интересот на јавноста, оформи предмет  по допрен глас.

Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија.

Предметот е доделен на надлежен обвинител и во рамки на предистражната постапка  издадени се Наредби за прибирање податоци поврзани со настанот

80 total views, no views today

Поднесен обвинителен акт против пет лица за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Скопје, 14 Ноември 2018

По повеќемесечна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1- Скопје поднесе обвинителен акт против пет лица, македонски државјани.

Четворица од обвинетите се товарат дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ од чл.215 ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, додека едно лице е обвинето за помагање при извршување на кривичното дело.

Обвинетите се дел од два одвоени настани случени во текот на 2017 година за кои беше побарана меѓународна правна помош од Репубика Србија и во мај годинава по спроведената акција за нивно лишување од слобода беше донесена Наредба за спроведување на истражна постапка.

Во септември 2017 година прво и второ обвинетиот, со цел да се стекнат со парични средства за набавка на наркотична дрога, зеле 25.000 евра од непознато лице од Прилеп, на кое како гаранција му оставиле товарно моторно возило. Двајцата со автомобил обезбеден од третиот обвинет стигнале во Белгија од каде купиле 483,7 грама наркотична дрога – кокаин и 1328,3 грама смеса за мешање – фанацетин и манитол, како и патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со белгиски регистарски во кое ја сокриле дрогата. На враќање двете возила биле запрени на излезот од Република Србија. Откако го пуштиле првото возило, српските царински службеници ја нашле дрогата во второто возило. Обвинетиот кој управувал со возилото се дал во бегство кон Република Македонија. По влезот на македонска територија тој му дал инструкции на третиот обвинет да ги врати земените 25.000 евра кај лицето од Прилеп и да го врати товарното возило дадено во залог.

Во декември 2017 година, четвртиот обвинет купил 128 кг. и 670 грама наркотична дрога – марихуана и ја чувал на неутврдено место на територијата на Р.Косово. Тој ангажирал возач кој за одреден паричен надомест ќе управува со ТМВ марка „ДАФ“ во кое ќе биде сокриена дрогата и ќе ја пренесе од Косово во Србија. Четвртиот и петтиот обвинет ја скриле наркотичната дрога – марихуана во специјално направен бункер во резервоарот за гориво, по што возачот, управувајќи го камионот, се упатил кон административниот премин Кончуљ на влез во Србија. Останатите обвинети со автомобил марка БМВ го следеле. На полициски пункт кај Владичин Хан, од страна на полициските службеници на Србија, товарното возило било сопрено и притоа е пронајдена и запленета дрогата. За возачот се водеше постапка во Р.Србија каде и издржува казна затвор за овој кривично правен настан.

Надлежниот обвинител до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за четворицата обвинети и за продолжување на определената мерка куќен притвор за еден од обвинетите.

29 total views, no views today

Поведена постапка за лицето кое вчера предизвика сообраќајна несреќа со смртни последици за едно лице

Скопје, 14 Ноември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, заедно со екипа од Министерството за внатрешни работи, вчера вечерта изврши увид на лице место каде што се случи сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице. Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против еден осомничен за сторено кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 од Кривичниот законик.

Несреќата се случила околу 21.30 часот на локалниот пат кој води кон с. Слупчане. Осомничениот, 21-годишен жител од Липково, се движел со возило марка БМВ со кумановски регистарски таблички, кое го управувал без да поседува возачка дозвола. Возејќи со брзина поголема од дозволената, осомничениот удрил директно во двајца пешаци – сопружници кои се движеле по патот во иста насока како возилото. Од силината на ударот на лице место починал мажот, 39-годишен жител на с. Слупчане, додека неговата сопруга се здобила со повреди.

Јавниот обвинител нареди сообраќајно техничко вештачење на возилото, како и прибирање траги од лице место. Дадена е и Наредба за вршење обдукција на телото на починатиот.

Обвинителството ги презема потребните дејствија за утврдување на фактите во предметот.

25 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот

Скопје, 13 Ноември 2018

Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.4 во врска со чл.297 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, како и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од чл.301 ст. 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот,  на 05.03.2018 година, како учесник во сообраќајот на регионалниот пат Велес – Градско, управувал патнички автомобил марка Фолксваген Шаран со неприспособена брзина на условите на патот. На тој начин осомничениот не се придржувал кон одредбата од чл.33 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што ги довел во опасност животот и телото на луѓето.

Во услови на дождливо време и влажен коловоз, а при стемнување, тој не ја намалил брзината на движење на возилото, при што нејасно забележал дека на коловозот во лежечка положба се наоѓа едно лице во алкохолизирана состојба. Осомничениот започнал дејствие на заобиколување, но тоа го направил во недоволен лак и налетал на телото на оштетениот, нанесувајќи му тешки повреди. По настанот, осомничениот го оставил повреденото лице без помош и заминал во правец кон Гевгелија. Нанесените повреди кај оштетениот довеле до загуба на крв и нарушување на работата на витално важни органи, што резултирало со смртен исход.

24 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Прилеп поведе истрага за едно лице кое неовластено произведувало дрога за продажба

Скопје, 12 Ноември 2018

Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против  едно лице на возраст од 44 години, поради постоење основано сомневање дека сторил продолжено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Осомничениот на ден 09.11.2018 година во неговиот дом во Прилеп, неовластено заради продажба чувал 491 гр. наркотична дрога „марихуана“, спакувана во десет ПВЦ опаковки, и 14 мл. смолеста материја – наркотична дрога хашиш. Лицето кое се гони од страна на обвинителството чувало и опрема за подготовка на наркотична дрога „хашиш“ и семенски материјал во вкупна маса од 1,78 гр. од растениото Canabis Sativa за кои знаело дека се наменети за производство на наркотични дроги.

Предметите беа пронајдени од страна на службени лица на Полициска станица Прилеп при извршен претрес во домот на осомничениот, врз основа на наредба издадена од Основниот суд Прилеп.

Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи, па достави предлог за определување мерка притвор, согласно член 165 став 1 точка 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка. Предлогот беше прифатен од судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп, кој со решение на обвинетиот му  определи мерка притвор во траење до 30 дена.

29 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје нареди истрага за три лица за примање поткуп и помагање

Скопје, 06 Ноември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Примање поткуп од чл.357 ст.4 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, како и за две лица за помагање при извршување на кривичното дело – Примање поткуп од чл.357 ст.4 во врска со ст.1 во врска со чл.24 од Кривичниот законик.

За првоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице даночен инспектор во Управата за јавни приходи при Министерството за финансии – Регионална дирекција Скопје, индиректно, преку второ и третоосомничените лица, побарал парични средства во износ од 5.000 евра од сопственик на едно правно лице. Парите потоа лично ги примил за да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, односно да направи дополнителни и детални контроли на даночниот субјект по однос на пресметката за плаќање на даночната обврска.

При извршување на кривичното дело, со умисла му помогнале второ и третоосомничените лица, сопственици на сметководствено биро од Скопје, преку давање совети и упатства, како и директно посредувајќи во комуникацијата со оштетената со која претходно се познавале.

Осомничените, на 05.11.2018 година, во еден угостителски објект, реализирале заедничка средба, на која оштетената на првоосомничениот му ги предала парите во износ од 5.000 евра во десет банкноти во апоени од по 500 евра. Банкнотите биле претходно крим-технички обработени од страна на полицијата. Осомничениот ги ставил обележаните банкноти во џебот од палтото и по интервенција на полициските службеници бил затекнат со нив кога го напуштал угостителскиот објект.

Со оглед на проценката дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека осомничениот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело и ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, како и особените околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор. За второ и трето осомничените лица се предложени мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган  и привремено одземање на патната исправа.

34 total views, no views today

Page 2 of 6912345...102030...Last »