Се врши увид на местото на железничка несреќа во населба Хиподром

Скопје, 19 Декември 2018

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје раководи со увидот на лице место на несреќата која се случи утринава на железничкиот премин на ул. „Благоја Стевковски“ во скопската населба Хиподром.

Според првичните информации, несреќата се случила кога товарен воз кој се движел од граничниот премин Табановце кон Скопје – југ (железара), удрил во патничко моторно возило Фолксваген Венто, сопственост на Министерството за внатрешни работи.

Во несреќата на лице место починал возачот на автомобилот, вработен во полициската станица Гази Баба. Увидот е во тек.

117 total views, no views today

Запленето големо количество на наркотична дрога марихуана

Скопје, 18 Декември 2018

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи и Царинската управа заплени 513.728,5 грама наркотична дрога марихуана, спакувана во 181 пакување со различна големина и тежина. Дрогата е пронајдена при контрола на камион со скопски регистерски таблички на Граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија, во специјално направен бункер на кровот на приколката.

Возачот на камионот е лишен од слобода и по барање на надлежен обвинител во текот на денот ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, додека по едно лице се трага.

Пронајдената дрога во Република Македонија е влезена од Република Албанија, а била наменета за нарко пазарот во Република Турција. Според првичните информации се работи за меѓународна криминална група во која се вмешани државјани на Република Македонија, Република Албанија и Република Турција.

За понатамошниот тек на постапката јавноста ќе биде дополнително информирана.

104 total views, no views today

Поднесено обвинение за поседување автоматско огнено оружје

Скопје, 18 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

При извршен претрес кај обвинетиот, во просторија просторно поврзана со неговиот дом во Скопје, било утврдено дека тој кај себе држел огнено оружје кое им е забрането на граѓаните, односно автоматско огнено оружје – пушкомитралез „Degtyarev Type 56 RPD“ калибар 7,62X39мм. Пушкомитралезот бил пронајден и одземен од страна на овластени службени лица.

Во рамките на истражната постапка, по наредба на јавен обвинител беше извршена анализа и вештачење на оружјето и беше испитан осомничениот.

Ценејќи дека се уште постојат законските основи заради кои на осомниченото лице му беше определена мерка притвор, односно постои опасност од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, јавниот обвинител заедно со обвинителниот акт до судот достави и Предлог за продолжување на мерката притвор.

112 total views, no views today

Жител на Кавадарци обвинет за обид за убиство и противправно лишување од слобода

Скопје, 18 Декември 2018

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд Велес поднесе Обвинителен акт против 37-годишен жител на Кавадарци за сторено кривично дело – Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл.19 (во обид)  и кривично дело – Противправно лишување од слобода од чл.140 ст.1 од Кривичниот законик.

На обвинетиот му се става на товар дека на 06.06.2018 година најпрвин по телефон ја повикал оштетената да му се придружи на патувањето за Прилеп. Таа прифатила и обвинетиот ангажирал такси-возило, но со него наместо кон Прилеп се упатиле во правец на с. Бегниште.

Кога дошле до крајот на селото, тој и рекол на оштетената да излезат од возилото и продолжиле да се движат пеш по блиските ниви. Во еден момент, обвинетиот извадил нож и со него ја прободел оштетената во стомакот од десната страна под градниот кош, нанесувајќи и со тоа тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот.

Потоа си заминал оставајќи ја оштетената сама.

По неколку часа се вратил и со помош на лице – сведок во постапката ја однел во неговата куќа и таму ја оставил, иако оштетената имала болки и крварења и го молела да ја однесе на лекар. Со ваквите дејствија тој противправно и ја ограничил слободата на движење.

Пак се вратил и утредента, на 07.06.2018 година, на инсистирање и молба од оштетената со такси ја однел до с.Сопот, во близина на куќата на нејзините баба и дедо, ја исфрлил од такси возилото во бесвесна состојба и таму ја оставил.

Истовремено со Обвинителниот акт доставен е Предлог за продолжување на мерката притвор спрема обвинетиот, бидејќи се уште постојат основите поради кои истиот е определен. Имено, обвинетиот е пријател на оштетената и кривичното дело го сторил искористувајќи ја нејзината доверба и пријателство, што претставува околност која го оправдува стравот дека тој би можел да го повтори кривичното дело.

Исто така, по извршувањето на кривичното дело, обвинетиот се криел во повеќе градови низ Македонија, честопати го менувал своето престојувалиште, што упатува на можност тој да се даде во бегство доколку биде на слобода.

Во рамките на истражната постапка, обвинителството ја испитуваше евентуалната кривична одговорност и на други инволвирани лица, но до овој момент не се пронајдени докази кои упатуваат во таа насока.

107 total views, no views today

Вложена жалба на пресудата за смртта на родилка и новороденче во гевгелиската болница

Скопје, 18 Декември 2018

Основното јавно обвинителство во Велес, почитувајќи го законскиот рок по приемот, вложи жалба на Пресудата на Основниот суд Велес во предметот за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното новороденче.

Имено, со првостепената пресуда на Основен суд Велес двајца доктори гинеколози беа ослободени од обвинение дека сториле кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од чл.217 ст.1 од Кривичниот законик, додека докторот анестезиолог беше осуден за истото кривично дело на ефективна казна затвор во траење од 4 години и му беше изречена забрана на вршење професија, дејност или должност.

Сепак, надлежниот јавен обвинител смета дека во предметот станува збор за воопшто несовесно постапување на тројцата лекари од ЈЗУ Општа болница Гевгелија како последица на кое при породување настапил смртен исход кај родилката Маја Кадиева и нејзиното новороденче.

Жалбата е поднесена поради погрешно утврдена фактичка состојба. Во неа, Основното јавно обвинителство Велес наведува дека на страната на лекарите гинеколози има пропусти кои во целина со пропустите на анестезиологот довеле до смртниот исход.

116 total views, no views today

Поднесен Обвинителен акт и Обвинителен предлог против две лица за Криумчарење мигранти

Скопје, 17 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело Криумчарење мигранти од чл.418-б ст.3 в.в со ст.2 и обвинителен предлог за едно лице за помагање при извршување на истото кривично дело од чл.418-б ст.2 в.в со чл.24 од Кривичниот законик.

Oбвинителството утврди дека на 22.6.2018 година, второобвинетиот со намера да му помогне на првообвинетиот му го продал своето товарно моторно возило марка „Ивеко“. Потоа, 25.6.2018 година првообвинетиот во близина на с.Костурино, Струмичко, прифатил група од 23 илегални мигранти од кои 18 биле од Бангладеш и пет лица од Шри Ланка. Со намера да ги превезе до кумановско-липковскиот регион, ги сместил мигрантите во товарниот дел од возилото и иако не поседувал возачка дозвола за управување на моторно возило, се упатил во правец кон Штип. Движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, заради неприлагоденост на условите и конфигурацијата на патот, изгубил контрола над возилото и со голема брзина удрил во метална заштитна ограда. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото, навлегувајќи и во товарниот простор каде биле сместени мигрантите. Во несреќата две лица починале, шест се здобиле со тешки, додека 15 лица се здобиле со полесни телесни повреди. Возачот побегнал од местото на несреќата.

Обвинителот, имајќи предвид дека околностите што постоеја во моментот на определување на мерката притвор се уште постојат, до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и барање за продолжување на мерката притвор за обвинетите.

123 total views, no views today

Поднесено обвинение за венецуелскиот државјанин фатен со дрога на скопскиот аеродром

Скопје, 17 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст. 1 од Кривичниот законик.

Станува збор за државјанин на Венецуела, со потекло од Египет, кој допатува во Македонија на 05.12.2018 година со лет на релација Цирих-Скопје. Царинските службеници на скопскиот аеродром, при извршен личен преглед и преглед на личниот багаж на ова лице, пронашле и одзеле наркотична дрога – кокаин во зипер вреќичка со нето маса од 332,6 грама скриена во рачките од куферот. Во исто време биле пронајдени и шест најлонски вреќички со вкупна нето маса од над 1,5 килограми кои биле сошиени во долната облека.

Ценејќи дека и натаму постојат причините заради кои на обвинетиот првично му беше определена мерката притвор, јавниот обвинител заедно со обвинителниот акт достави и Предлог за продолжување на мерката притвор.

87 total views, 1 views today

Црногорски државјанин осомничен за нанесување тешка телесна повреда

Скопје, 17 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје започна постапка против црногорски државјанин за сторено кривично дело – Тешка телесна повреда од чл.131 ст.1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Осомничениот, заедно со непознато машко лице, на 09.11.2018 година скршиле маса во гостилница во Скопје. На 13.11.2018 година тој повторно со едно непознато лице се  вратил во истата гостилница и му се извинил на оштетениот за своето претходно однесување. Но, на излегување, без повод и причина, го нападнале оштетениот и тешко телесно го повредиле, удирајќи го со тупаници во пределот на носот и лицето. Од ударите оштетениот се здобил со повеќе скршеници и паднал во бессознание, а осомничениот и непознатото лице го напуштиле местото на настанот.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство со оглед на тоа што тој нема пријавено живеалиште во Република Македонија.

111 total views, no views today

Две лица под истрага за изнуда, еден осомничен е во бегство

Скопје, 17 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – Изнуда од чл.258 ст.2 во врска со ст.1 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик.

Осомничените, дејствувајќи во група заедно со уште едно лице кое е во бегство, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и со сериозна закана по живот на оштетеното лице, се обиделе да го присилат да им даде 10.000 евра.

Тие во повеќе наврати го контактирале оштетениот и му барале пари, а откако тој ги одбил започнале агресивно да се однесуваат и да му се закануваат по неговиот и животот на неговото семејство. По ова, оштетениот на 14.12.2018 година се согласил да се сретне со нив во еден трговски центар во Скопје и да им ги даде бараните пари, но настанот го пријавил во полиција.

Откако оштетениот се сретнал со осомничените, тие се обиделе насила да го однесат од договореното место, но во намерата ги спречиле полициски службеници, по што осомничените се дале во бегство. Во близина на лице место биле приведени двајца од нив.

Тројцата осомничени веќе подолго време биле организирани во група со намера да му наштетат на оштетениот и во повеќе наврати му се обраќале на различни начини со цел да му изнудат средства. Овие околности укажуваат на стравот дека осомничените, доколку се на слобода, ќе го повторат кривичното дело. Освен ова, постои опасност тие да му влијаат на оштетениот или да се дадат во бегство, со што ќе ја попречат кривичната постапка. Од овие причини, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомничените.

121 total views, no views today

Поднесено обвинение за тешка кражба

Скопје, 14 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за кривично дело – Тешка кражба од чл.236 ст.1 т.1 од Кривичен законик.

Обвинетата, на 15.08.2017 година, со употреба на физичка сила и погоден предмет насилно ја отворила влезната врата на домот во сопственост на оштетеното лице, при што одзела туѓи предмети со намера противправно да ги присвои. На овој начин биле одземени еден мобилен телефон, две златни ланчиња, медицински златни навлаки за заби, сребрена пара со ликот на Гоце Делчев и друг накит, во вкупна вредност од 120.000 денари.

Заедно со обвинителниот предлог, надлежниот обвинител до судот достави и Предлог на обвинетата да и биде определена мерка притвор, со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасноста од бегство, како и на опасност таа да го повтори кривичното дело кое и се става на товар.

101 total views, no views today

Page 33 of 103« First...1020...3132333435...405060...Last »