Отворена истрага против едно лице за убиството во Тетово

Скопје, 03 Март 2019

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторени кривични дела – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот синоќа во објект на ул. 29 Ноември во Тетово лишил од живот едно лице. Убиството се случило откако на маса во објектот заедно седеле пет лица, консумирајќи алкохол. Во еден момент, сторителот извадил пиштол, го репетирал и испукал проектил во едно од лицата. При тоа му нанел смртоносни повреди од кои оштетеното лице починало на лице место. Останатите три лица кои беа задржани во полициска станица непосредно по инцидентот, се сведоци на настанот.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице. Судијата од Основниот суд во Тетово го прифати ваквиот предлог и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

19 total views, 2 views today

Извршен увид во угостителскиот објект во Тетово каде синоќа беше застрелано едно лице

Скопје, 03 Март 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи до раните утрински часови вршеа увид на лице место во објект на ул. 29 Ноември во Тетово, каде синоќа околу 23.50 часот едно лице беше лишено од живот.

Обвинителот издаде наредби за прибирање на траги од лице место и нивно вештачење, како и за вештачење на чаурата најдена на местото на настанот. Издадена е и наредба за вршење на обдукција над починатото лице. Извршено е фотографирање и скицирање, како и други дејствија во насока на расчистување на кривично правниот настан.

Убиството се случило откако на маса во објектот заедно седеле пет лица, косумирајќи алкохол. Во еден момент, сторителот извадил пиштол, го репетирал и испукал проектил во едно од лицата. При тоа му нанел смртоносни повреди од кои оштетеното лице починало на лице место. По стореното кривично дело групата се дала во бегство, за подоцна двајца да бидат лишени од слобода од страна на полицијата, а другите двајца, меѓу кои и сторителот, сами се пријавиле во полициска станица.

 

24 total views, 1 views today

Уште две лица во притвор за убиството во струшкото село Поум

Скопје, 02 Март 2019

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струга донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за уште две лица поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 3, а еден од осомничените и за кривично дело Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.

Во текот на истрагата во врска со завчерашното убиство во струшкото село Поум, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга во координација со Министерството за внатрешни работи дојде до нови сознанија што укажуваат дека осомничениот не го сторил делото сам. Имено, во извршувањето на убиството учествувале уште две лица кои се во роднинска врска со веќе осомниченото лице.

Осомничените се лишени од слобода и јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети законските основи ќе достави предлог за определување на мерката притвор за двете лица.

 

 

23 total views, 1 views today

Две лица од Скопје осомничени дека извршиле тешка кражба на дрзок начин во Гостивар

Скопје, 01 Март 2019

Основното јавно обвинителство Гостивар почна постапка против две лица, жители на Скопје, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Осомничените на 26.02.2019 година на улица во Гостивар пресретнале лице кое кај себе во тој момент имало 1.200 евра и 6.500 денари.  Притоа му пристапиле како просјаци и од него побарале пари. Оштетениот извадил пари за да им даде, по што тие на дрзок начин му ги одзеле сите пари што тој ги имал кај себе и побегнале. Подоцна биле откриени и фатени, а парите се вратени на оштетениот.

Бидејќи постојат околности кои што очигледно укажуваат на опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар достави и предлог за определување мерка притвор за двете осомничени лица.

28 total views, no views today

Лице од кичевско осомничено дека при криволов извршило тешки дела против општата сигурност

Скопје, 01 Март 2019

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од кичевско за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 27.02.2019 година, вршејќи криволов во шума во кичевско, убеден дека забележал животно, испукал еден куршум од пушка. Притоа погодил едно оштетено лице, нанесувајќи му огнострелна повреда од животозагрозувачки карактер во пределот на абдоменот. Повредениот е хоспитализиран и се уште се наоѓа во тешка здравствена состојба.

Со цел утврдување на фактите за настанот, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за вештачење на трагите од крв и чаурата пронајдена на лице место, наредба за претрес на домот на оштетениот, како и наредба за вештачење на одземеното оружје. Ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар доставен е предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

24 total views, no views today

Поведена постапка за убиството во струшко Поум

Скопје, 01 Март 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи изврши увид на лице место во струшкото село Поум каде вчера во попладневните часови беше лишено од живот едно лице на возраст од 23 години. Обвинителот издаде наредби за прибирање и вештачење на пронајдените траги, како и наредба за вршење обдукција над починатото лице.

Настанот се случи околу 18.30 минути, кога на локален пат во близина на Струга со огнено оружје е пукано во сега починатиот и неговиот татко (46). Оштетените се движеле по патот со патничко моторно возило кога до нив се доближил осомничениот (22), управувајќи со друг автомобил. Осомниченото лице започнало да пука, најпрвин со пиштол, а потоа и со ловечка пушка, при што сега починатиот е смртно погоден, а неговиот татко се стекнал со тешки телесни повреди. По извршување на делото, осомничениот се дал во бегство, за подоцна самиот да се пријави во полициска станица.

Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомниченото лице сторило кривични дела Убиство од член 123 став 2 точка 3 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик. Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Струга ќе достави и предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.

43 total views, 1 views today

Во притвор разбојникот кој ограби казино во Гевгелија

Скопје, 27 Февруари 2019

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице на 40-годишна возраст од Гевгелија поради постоење на основано сомневање дека сторил кривични дела  Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 и Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот во временскиот период од 12.10.2018 година до 22.02.2019 година неовластено држел преправено огнено оружје кое на граѓаните им е забрането и тоа ловечка пушка Збројовка Брно со кал.16 мм. и 8 ловечки куршуми со кал. 16 мм. На пушката претходно биле извршени  механички интервенции со кои и се скратени цевките и кундакот.

Со ова оружје осомничениот на  9 јануари околу 02.40 часот отишол во казино во Гевгелија каде откако влегол  преку споредниот влез маскиран со качулка  на главата го вперил оружјето кон касиерот.  При тоа осомничениот од фиоката која се наоѓала на работното биро и од касата ги одзел парите кои се наоѓале внатре во вкупен износ од 150.000,00 денари во различни апоени, истите ги ставил во најлонско кесе и преку споредниот влез излегол од касиното и заминал.

Основното јавно обвинителство Велес смета дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот и можности да ги повтори кривичните дела поради што до Судијата на претходна постапка на Основниот суд Велес предложи против осомниченото лице да се определи мерка притвор. Предлогот е прифатен и од страна на Судија на претходна постапка на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

25 total views, 1 views today

Побаран притвор за осомничен за уцена во Гостивар

Скопје, 26 Февруари 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар отвори постапка против едно лице за сторено кривично дело – Уцена од член 259 од Кривичниот законик. Осомничениот 22-годишен гостиварец ја уценувал својата поранешна девојка на иста возраст. Тој во повеќе наврати и барал пари во замена да не објави нејзини експлицитни фотографии.

На овој начин осомничениот успеал од оштетената да одземе околу 400 евра. Последниот пат и побарал 1.000 денари, девојката го пријавила, а банкнотата која му ја предала била претходно обележана. По приемот на парите, осомничениот бил задржан и кај него била пронајдена обележаната банкнота.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави и Предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице.

20 total views, no views today

Едно лице под истрага за обид за убиство

Скопје, 26 Февруари 2019

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Осомничениот на 24.02.2019 година со умисла се обидел да лиши од живот едно оштетено лице, така што додека седеле на различни маси во дворот на гостилница, без предупредување му пришол на оштетениот, извадил нож од џебот и замавнал. Притоа на оштетениот му нанел тешка телесна повреда  - влезно убодна рана во пределот на абдоменот, оштетувајќи му неколку органи. По ова, реагирале други лица кои седеле на масата со оштетениот и осомничениот се оддалечил од местото.

Со оглед на тоа што надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети сите законски основи, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

16 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против три лица кај кои е најдена дрога

Скопје, 25 Февруари 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредби за спроведување на истражна постапка во три одделни предмети оформени против лица кој кои при извршен претрес е најдена дрога – марихуана. Лицата се осомничени дека сториле кривични дела- Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, псхотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Кај еден од осомничените е пронајдена марихуана со тежина од 400 грама која ја криел во куќа на негов роднина. Осомничениот е државјанин на Република Србија, од каде преминал во нашата држава и од 2013 година тука илегално престојува. За осомничениот српските органи имаат распишано меѓународна потерница за сторени други кривични дела.

На второто лице, жител на Гостивар, му се пронајдени 10 грама дрога – марихуана.

Во третиот предмет, осомничениот кој е жител на кичевско село, во својот дом криел 29 грама марихуана и 39 семки растителна материја од непознато потекло. Јавниот обвинител донесе Наредба за вештачење на пронајдениот материјал.

Основното јавно обвинителство Гостивар до судија на претходна постапка за сите тројца осомничени побара изрекување на мерка притвор, ценејќи дека се исполнети основите. Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар ги прифати предлозите и на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена.

23 total views, 1 views today

Page 4 of 84« First...23456...102030...Last »