Основното јавно обвинителство – Прилеп нареди обдукција на починатата родилка

Скопје, 19 Февруари 2016

Во текот на вчерашниот ден во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп била примена пациентка која во попладневните часови родила здраво дете. По повеќе часови по породувањето, односно денеска околу 1: 50 часот дваесет годишната родилка починала. По констатирање на настанатата смрт, известен е надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп.

Обвинителот изврши увид на лице место, при што донесе Наредба за обдукција на починатата родилка и наредби за обезбедување на доказен материјал.

Во насока на расветлување на настанот, во тек е преземање и на други дејствија.

396 total views, no views today

Поведена постапка против едно лице за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување

Скопје, 17 Февруари 2016

Постапувајќи по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, како и по утврдување на постоење на основано сомнение дека е сторено кривичното дело, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против едно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување. Ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на предходна постапка во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поднесен е и Предлог за определување на Мерки на претпазливост и тоа: привремено одземање на патна исправа, односно забрана за нејзино издавање и обврска за повремено јавување во суд.

Лицето се сомничи дека злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, како службено лице вршел закуп на станови на кој се јавува како приватен сопственик. При тоа, по вршење на закупот, просториите не биле користени од страна на друштвото што го управувал.

За наводите во сега поднесената кривична пријава, надлежното Основно јавно обвинителство – Скопје во текот на 2014 година прими Иницијатива од Државната комисија за спречување на корупција. Во тој временски период , а по наводите на Иницијативата, обвинителството не најде доволно докази за поведување постапка, по што беше донесена Резолуција со која постапката беше запрена. Потенцираме дека донесување на резолуција не претставува ограничување, односно елиминирање на натамошно водење кривична постапка доколку се откријат нови моменти, односно докази во предметот.

Во временскиот период од 2014 година до сега, од страна на повеќе институции пристигнати се поголем број други известувања, податоци  и писмена документација. Со поднесената кривична пријава доставени се и нови докази што го подигаат степенот на основаноста на сомнението дека кривичното дело е сторено, согласно што обвинителството и постапува.

484 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 17 Февруари 2016

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите пристигнати се три барања за доставување на кривични предмети и тоа: предметот во јавноста познат како Маѓар Телеком, предметот против З.В. за сторено кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и предметот против Г.В. за сторено кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија.

Основното јавно обвинителство – Скопје цени дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите барањата ги темели на одредбата од член 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, но истото воопшто не го зема предвид член 11 став 1 од Законот, согласно кој тоа јавно обвинителство ќе преземе контрола врз предметите што спаѓаат во стварна надлежност на истото. Стварната надлежност е уредена во член 5 став 1 од Законот. Имено, во оваа одредба јасно е кажано дека jавниот обвинител кој раководи со тоа јавно обвинителство ќе биде овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите , како што е дефинирано во член 2 став 1 од Законот.

Основното јавно обвинителство – Скопје цени дека предметите што се бараат не се поврзани, ниту пак произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па од тука барањата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не се во согласност со Законот, како и дека со таквото барање се пречекорени овластувањата што на jавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство му се дадени со Законот.

Поради горе наведеното, Основното јавно обвинителство – Скопје се обрати до Советот на јавните обвинители на Република Македонија со барање Советот да се произнесе дали наведеното дејствие е законско дејствие на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Основното јавно обвинителство – Скопје во предвид ја имаше одредбата од член 7 став 3 од Законот, според која Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е професионално одговорен за стручните и законските дејствија при неговата работа пред Советот на јавните обвинители на Република Македонија. Односно, законитоста на дејствијата на јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство ја цени Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

502 total views, no views today

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши истрагата за седумтемина осомничени за настаните од Диво Насеље

Скопје, 12 Февруари 2016

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши истражната постапка за седумте македонски државјани кои се теретат за сторени кривични дела „Терористичка организација” од чл. 394 – а и „Тероризам” од чл. 394 -б во врска со настаните од 9 и 10 мај годинава во кумановската населба Диво Насеље. До одбраната е доставено известување за законскиот рок во кој одбраната може да изврши увид во доказите.

Како што информиравме на 15 октомври минатата година, врз основа на прибавените докази и преземените дејствија од истрагата, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја прошири истражна постапка за уште седум македонски државјани на кои им беше одредена мерка – Притвор.

430 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Велес ќе го истражува вчерашното разбојништво

Скопје, 09 Февруари 2016

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес по вчерашното разбојништво во Велес во насока на утврдување на околностите на стореното кривично дело, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца скопјани и еден велешанец кој е недостапен на органите на прогонот. Сите три лица се осомничени дека сториле кривично дело Разбојништво од чл.237 од Кривичниот законик, а на првоосомничениот му се става на товар и кривично дело – Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи од чл.396 ст.1 од Кривичниот законик. Прочитај повеќе…

414 total views, no views today

Наредена обдукција на телото на жена пронајдена почината во куќа во Прилеп

Скопје, 09 Февруари 2016

По пријава на соседите на сега почината, дека се шири неподнослива реа од куќа во нивна близина, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп заедно со екипа од Министерството за внатрешни работи изврши увид. При увидот пронајден е женски труп во поодмината фаза на распаѓање. 49 годишната прилепчанка која во куќата живеела заедно со нејзиниот брат, според првичниот увид била подолго време почината.

По наредба на надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп телото е предадено на обдукција. Обвинителството ги презема сите неопходни дејства за расветлување на причините за смртта и зошто настанот не е навремено пријавен. Јавниот обвинител го сослуша братот на починатата.

Истрагата продолжува во насока на утврдување на фактите.

319 total views, no views today

Поведена постапка за производство и дистрибуција на детска порнографија

Скопје, 08 Февруари 2016

Основното јавно обвинителство – Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение за сторено кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнограгфија од чл. 193-а ст.3 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик. Прочитај повеќе…

408 total views, no views today

Осомничени повеќе лица за случајот со Тамара Димовска од Велес

Скопје, 08 Февруари 2016

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека во врска со настанот што обвинителството го оформи по допрен глас за случајот на Тамара Димовска од Велес, спроведе низа на дејствија.

Од преземените дејствија произлезе дека како осомничени се јавуваат повеќе лица за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од чл. 353 -в од Кривичниот законик. Во својство на осомничени, лицата се повикани да дадат изјави пред надлежниот јавен обвинител. Истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот.

По завршување на сослушувањето ќе биде донесена мериторна јавно обвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено известена.

350 total views, no views today

Поднесен обвинителен акт против напаѓачите во Одделението за дигестивна хирургија

Скопје, 05 Февруари 2016

Основното јавно обвинителство -Скопје по спроведената истражна постапка и прибирање на сите докази, денеска до надлежниот Основен суд Скопје 1 -Скопје поднесе обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка – Притвор против едно лице за сторени кривични дела Убиство од чл.123 ст.1 в.в. со чл.19 од Кривичниот законик, Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од 396 ст.1 и Насилство од чл.386 ст.3 в.в со ст.1 од Кривичниот законик.

Поднесен е и обвинителен предлог против друго лице кое учествувало во настанот за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста од чл.383 ст.2 в.в со ст.1 од Кривичниот законик. Против ова лице претходно се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на територија на Град Скопје, обврска обвинетиот да се јавува повремено на службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје и привремено одземања на патна исправа.

Настанот за кој се обвинети лицата се случи на деветти ноември минатата година во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, во Одделението за дигестивна хирургија, кога во лекарската соба беше пукано на доктор – хирург што претходно оперирал пациентка и истата починала. Прво обвинетиот со огнено оружје – пиштол испукал седум проектили при што на докторот му нанел три прострелни рани во пределот на левата нога. Во настанот биле загрозени и други вработени лица во болницата, како и едно лице од обезбедувањето на Клиниката, а бил оштетен и инвентар на Одделението.

480 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против службено лице од МВР

Скопје, 05 Февруари 2016

По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице вработено во МВР, а за сторено кривично дело – Незаконито влијание врз сведоци, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презеде сите потребни дејствија за утврдување на фактите во предметот.

Притоа е утврдено дека постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело што му се става на товар, односно дека со нудење поткуп влијаел на едно лице, а со цел лицето да се појави како сведок во постапка пред суд и да даде исказ во определена насока.

Денеска надлежниот обвинител, по завршување на постапката и целосно расветлување на настанот, до надлежниот Основен суд Скопје 1 – Скопје поднесе Обвинителен предлог против обвинетиот за сторено кривично дело – Незаконито влијание врз сведоци од член 368- а, ст. 1 од Кривичниот законик.

442 total views, no views today

Page 45 of 68« First...102030...4344454647...5060...Last »