Поднесено обвинение за двојното убиство во Вевчани

Скопје, 02 Февруари 2015

Основното јавно обвинителство – Струга поднесе обвинителен акт против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство со умисла на две лица во с. Вевчани, на 13.08.2014 година, а се обидел да лиши од живот уште две лица.

Спроведената истражна постапка утврдила дека обвинетиот, поминувајќи покрај летната тераса на кафе барот „Пјаца“ во Вевчани на критичниот ден, започнал најпрвин вербална расправија со оштетените. По половина час се вратил, држејќи во рацете метална шипка и огнено оружје – пиштол марка „Црвена застава“ калибар 7,65 мм.

Веднаш ги нападнал присутните на масата, најпрвин замавнувајќи со шипката, а потоа и отворајќи оган од огненото оружје. Од здобиените повреди кај две лица настапил смртен исход. На уште две повредите им биле санирани во Општата болница во Струга.

315 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје прими кривична пријава од Минстерството за внатрешни работи против едно лице за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија

Скопје, 31 Јануари 2015

До Основното јавно обвинителство Скопје од страна на Министерството за внатрешни работи е поднесена кривична пријава против лицето ГВ за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193 а став 3 во врска со став 2 од Кривичниот Законик.

Надлежниот обвинител ги презема законските активности и мерки постапувајќи по кривичната пријава.

342 total views, no views today

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе постапка против четири лица за Шпионажа и Насилство спрема претставници на највисоките државни органи

Скопје, 31 Јануари 2015

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на органзиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четири лица за повеќе кривични дела.

Надлежниот обвинител против осомничените лица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и тоа за осомничениот ЗВ за кривични дела Шпионажа по чл. 316 од Кривичниот Законик и кривично дело Насилство спрема преставници на највисоките државни органи по чл. 311 во врска со чл. 24 од КЗ, за осомничената СВ  за сторено кривично дело Шпионажа по чл. 316 вв со чл. 24 од КЗ, за осомничениот БП за кривично дело Насилство спрема преставници на највисоките државни органи по чл. 311 во врска со чл. 24 од КЗ и за осомничениот ЗЗ за кривично дело Насилство спрема преставници на највисоките државни органи по чл. 311 во врска со чл. 19 од Кривичниот Законик.

Сметајќи дека се исполнети законските основи, Основното јавно обвинитеоство за гонење на организиран криминал и корупција до надлежниот Судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за обезбедување присуство на лицата и за непречено водење на кривичната постапка – Притвор, и тоа  спрема осомничените ЗВ, СВ и БП.

Со оглед на сите околности на кривично правниот настан и фактот што кривичното дело останало во обид за осомничениот ЗЗ не е поднесен Предлог за определување на мерката Притвор, туку Предлог за определување на мерка на претпазливост и тоа обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице односно кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница.

476 total views, no views today

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе жалба на Одлуката за условен отпуст за Томислав Кежаровски

Скопје, 30 Јануари 2015

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе жалба на Одлуката за условен отпуст на осуденото лице Томислав Кежаровски.

Во законски предвидениот рок, надлежниот јавен обвинител ја разгледа Одлуката за условен отпуст донесена од страна на Основниот суд Скопје 1.

Сметајќи дека со одлуката погрешно е утврдена фактичката состојба во случајот и дека осуденото лице не ги исполнува услови за условен отпуст, надлежниот јавен обвинител поднесе жалба на одлуката.

350 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за сторено кривично дело – Даночно затајување

Скопје, 28 Јануари 2015

Осомничените се товарат за сторено даночно затајување во периодот 2007 – 2012 година, во својство на сопственици, овластени потписници и управители на четири правни лица – градежни фирми. Имено, во кривичната пријава поднесена од Финансиската полиција се наведува дека по претходен договор и во заедница изготвувале фиктивни завршни сметки и презентирале невистинити податоци пред надлежните органи со што го оштетиле Буџетот на Република Македонија во значителен износ по основ на даночно затајување.

 Основното јавно обвинителство Скопје, поради основано сомнение за стореното кривично дело донесе Наредба за спроведување истрага против тројцата осомничени и даде насоки за прибирање податоци, како и наредба за вршење на потребното економско – финансиско вештачење од страна на Бирото за вештачење. Извршено е сослушување на едно од лицата, додека останатите двајца осомничени во моментов се недостапни на органите на прогонот.

Сметајќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје поднесе предлог за определување на мерка Притвор. По предлогот на обвинителството судот донесе Решение со кое на осомничениот му е определен притвор во времетраење од 30 дена.

379 total views, no views today

Малолетникот осомничен за Силување во ВП домот Тетово во постапка и за Убиство во обид

Скопје, 27 Јануари 2015

Основното јавно обвинителство во Велес поднесе барање до Судијата за малолетници во Основниот суд – Велес за поведување подготвителна постапка спрема едно дете, штитеник на Воспитно-поправниот дом Тетово, за сторено кривично дело – Убиство (во обид).

На 25 јануари малолетникот побарал да биде однесен на лекарски преглед кај домскиот лекар заради главоболка. Во лекарската соба тој најпрвин со дрзок и висок тон се обратил кон лекарот, потоа ја турнал масата меѓу нив и се обидел да го удри, во што го спречиле двајца надзорници. Подоцна, од трпезаријата 16-годишникот зел два ножа и повторно влегол во лекарската соба со вербални закани кон лекарот дека ќе го убие, а притоа повторно го спречиле присутните надзорници.

Инаку, детето за кое станува збор, во текот на издржувањето на воспитната мерка, се јавува како сторител на повеќе кривични дела, меѓу кои и кривичното дело Силување спрема друго дете – штитеник на домот. За непријавување на ова дело Обвинителството поведе постапка и против заповедникот на Воспитно-поправниот дом.

Надлежното обвинителство, по последниот случај, до Судијата за малолетници во Основниот суд во Велес достави и предлог за определување мерка притвор за малолетникот.

332 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице – поранешен висок функционер, за недозволиво држење на огнено оружје

Скопје, 24 Јануари 2015

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомничено лице , кое се товари за сторено кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Сметајќи дека се исполнети законските основи, Јавниот обвинител до судија на предходна постапка од Основен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерката Притвор против осомничениот.

Прифаќајки го предлогот, со Решение судијата на предходна постапка на осомничениот му определи мерка притвор во времетраење на 30 дена.

310 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје постапува против две лица осомничени за примање поткуп

Скопје, 24 Јануари 2015
Постапувајќи по пријава на граѓанин, надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица за сторено кривично дело – Примање поткуп.
Имено , осомничените од оштетеното лице барале определeн износ на финансиски средства за да биде извршена конкретна медицинска интервенција.
Против осомничените се води редовна постапка, односно по наоѓање на јавниот обвинител не постојат околности за поднесување на предлог за определување на мерка притвор или мерки за претпазливост.
Во тек на вчерашниот ден е извршено сослушување на двајцата осомничени и на оштетеното лице – подносител на кривичната пријава. Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со преземање на потребните мерки за расветлување на случајот.

265 total views, 1 views today

Поднесено обвинение против службено лице од Воспитно-поправниот дом Тетово – одделение во Велес

Скопје, 24 Јануари 2015
Основното јавно обвинителство во Велес поднесе Обвинителен предлог против раководителот на Секторот за обезбедување – заповедник во Воспитно – поправниот дом Тетово – одделение во Велес, за сторено кривично дело Несовесно вршење на службата.
Обвинетиот се товари дека во својство на службено лице, откако добил известување за сторено кривично дело Силување на малолетник од страна на други штитеници во домот, истото не го пријавил до надлежните органи, со што несовесно постапил и сторил кривично дело.
Надлежниот обвинител презеде поголем број истражни дејствија по наводите за сторено силување во овој Воспитно-поправен дом, при што беа испитани повеќе лица вработени во домот, а по Наредба на надлежниот јавен обвинител извршено е и невропсихијатриско вештачење на оштетеното дете.
Што се однесува, пак, до децата кои го сториле кривичното дело Силување, Основното јавно обвинителсво во Велес веќе има поднесено барање за поведување на подготвителна постапка пред Судијата за малолетници во Основниот суд Велес и истата е во тек.

283 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Гостивар спроведува истрага за починатото лице најдено крај пат кон Гостивар

Скопје, 23 Јануари 2015
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар изврши увид на лице место кај пронајдениот машки труп, на споредниот пат Тетово – Гостивар.
Починатото лице било пронајдено на десетина метри од паркирано патничко моторно возило со тетовски регситарски таблички. Станува збор за жител на гостиварско село, роден 1958 година.
Јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и даде  насоки за прибирање на доказите од местото на настанот. Воедно дадена е наредба за вршење обдукција за да се утврдат причините за настапување на смртта. Од увидот на лице место извесно е дека на телото на починатиот има две прострелни рани.

269 total views, 1 views today

Page 47 of 56« First...102030...4546474849...Last »