Основното јавно обвинителство Прилеп ја истражува смртта на пронајденото лице во с. Канатларци

Скопје, 01 Јуни 2017

Во близина на стариот задружен дом во с. Канатларци, вчера околу 3 часот во паркирано патничко возило марка Фолксваген Пасат пронајдено е тело на маж со неколку прострелни рани во пределот на градниот кош. Утврдено е дека станува збор за лице родено во 1991 година.

Основното јавно обвинителство Прилеп заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи изврши увид на лице место. Во насока на утврдување на фактите и расветлување на настанот, надлежен јавен обвинител издаде Наредби за обдукција на телото на починатиот, за подигање на траги и  предмети од лице место кои можат да послужат  како доказ. Преземени се и други дејствија за утврдување на причините за смртта на пронајденото лице.

 

132 total views, 1 views today

Охридското обвинителство гони две лица за трговија со дрога

Скопје, 31 Мај 2017

Основното јавно обвинителство Охрид постапувајќи по кривична пријава, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело Неовластено  производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.

Дрогата – марихуана со тежина од околу 100 килограми е најдена во патничко моторно возило со скопска регистарска таблица кое се движело по патот Св. Наум – Охрид. Во возилото биле две лица, од кои возачот се дал во бегство и во моментов е недостапен на органите на прогонот.

Совозачот, жител на Битола, е лишен од слобода и против него е започната постапката за стореното дело. Надлежен јавен обвинител достави предлог до Основниот суд Охрид за определување на мерка Притвор, кој предлог е потврден со Решение на судот со кое му е определен притвор во времетраење од триесет дена.

161 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје нареди истрага против лекар за Примање поткуп

Скопје, 31 Мај 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, осомничено за сторено кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Лицето е осомничено дека поткупот го примило, извршувајќи ја дејноста лекар. Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор за лицето во траење од 30 дена.

159 total views, 1 views today

Соопштение

Скопје, 31 Мај 2017

Спроведувајќи сеопфатна постапка за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27.04.2017 година, Основното јавно обвинителство Скопје презеде голем број истражни дејствија и прибави обемен доказен материјал.

По разгледување на доказниот материјал, обвинителството утврди дека постои содејство на неколку осомничени во целокупните збиднувања во објектот на Собранието во надворешниот појас и во внатрешноста на објектот во целина.

Станува збор за сплет на инкриминирани дејствија кои што значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата, ниту пак на од таму произлезени конкретни кривични дела на сторители.

Основното јавно обвинителство Скопје од  досега прибавениот доказен материјал оцени дека во кривично правниот настан кој го истражуваше, потребно е во оваа фаза, согласно законските прописи, да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи дел од преземените дејствија од страна на лица инволвирани во настанот се во месна и стварна надлежност на ова обвинителство.

Од тие причини списите на предметот се доставени до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое го презема натамошното постапување.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да постапува по однос на лица инволвирани во настанот, а чии што дејствија претставуваат извршување на кривично дело за кое е надлежно Основното јавно обвинителство Скопје.

157 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар го расветлува настанот во с.Чегране

Скопје, 30 Мај 2017

Вчера, во попладневните часови во поле во атарот на с.Чегране се случил кривично правен настан во кој едно лице се здобило со тешки телесни повреди.

Имено, при меѓусебна расправија помеѓу двајца браќа, оштетениот го турнал осомничениот на земја и почнал да го удира во пределот на главата. Во еден момент осомничениот извадил џепно ноже и го пробол оштетениот во пределот на стомакот нанесувајќи му тешка телесна повреда.

Надлежниот јавен обвинител ги презема неопходните мерки и активности за расветлување на настанот. Издадени се наредби за вештачење на ножот, на крв и урина од двете лица, како и на нивната облека. Во исто време издадена е и наредба за фотографирање и скицирање на местото на настанот.

По предлог на обвинителот на осомничениот му е одредена мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа.

Поради сериозноста на повредите оштетениот е задржан на болничко лекување.

137 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за лицето кое остави експлозивна направа во Собранието на Република Македонија

Скопје, 26 Мај 2017

По прибирање на податоци и доказен материјал, Основното јавно обвинителство поведе постапка против едно лице поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела Предизвикување општа опасност од член 288 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен јавен обвинител до судија на предходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави барање за определување на мерката притвор за осомничениот. Предлогот на обвинитлството беше прифатен од судот кој со Решение на осомниченото лице му определи притвор во времетраење од триесет дена.

126 total views, 1 views today

Управата за финансиска полиција достави пет кривични пријави против поранешни градоначалници

Скопје, 15 Мај 2017

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на Управата за финансиска полиција прими пет кривични пријави против поранешни градочалници на општините Струга, Свети Николе, Дебар, Студеничани и Долнени, како и против едно физичко и едно правно лице.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство од член 275-в од Кривичниот законик.

Кривичните пријави се проучуваат за донесување на понатамошна јавно обвинителска одлука по истите.

214 total views, 2 views today

Се разоткрива организиран криминал со перење пари

Скопје, 15 Мај 2017

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет против поранешен и актуелен директор на НЛБ Тутунска Банка, поранешен министер, адвокат, нотар и други лица, како и едно лице државјанин на Република Словенија за сторени кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и Перење пари од член 273 од Кривичниот законик.

Постојат сомненија дека во периодот од 2006 до 2017 година биле преземани дејствија за основање на фирми, подигање на кредити и пренесување на парични средства во Словенија и во австриски фирми, а потоа дел од средствата се инвестирани во основање на нови фирми и купување на недвижен имот на подрачјето на град Битола. Со цел да утврди факти и да обезбеди докази, обвинителството во соработка со Министерството за внатрешни работи издаде наредби за анализа на финансиски трансакции и обезбедување на целокупниот доказен материјал од имотна, финансиска и управна природа.

1,224 total views, 2 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за кривично дело Убиство во обид

Скопје, 10 Мај 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека до овој момент, идентификувани се две лица инволвирани во нападот на пратеникот З.С. за време на настаните во Собранието на Република Македонија на 27.04.2017г.

Од досега прибавените докази, Основното јавно обвинителство – Скопје оцени дека постои основано сомнение дека овие две лица, заедно со други лица, кои во овој момент се неидентификувани, го извршиле кривичното дело Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл. 22 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик.

 Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двете лица за наведеното кривично дело. Истовремено, по оценка на Јавното обвинителство, против осомничените неопходно е да биде изречена мерка за нивно обезбедување, поради што јавниот обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за одредување на мерка притвор, бидејќи постојат сите законски основи за тоа.

Воедно, заради целосно расчистување на овој кривично-правен настан од страна на јавното обвинителство издадени се наредби за итно постапување на Министерството за внатрешни работи заради обезбедување на релевантна документација и податоци

209 total views, 2 views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар изврши увид во кичевското с. Кленоец каде беше пронајдено починато бебе

Скопје, 10 Мај 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар изврши увид во кичевското село Кленоец, каде што синоќа беше пронајдено починато бебе на 6-месечна возраст.

По наредба на јавниот обвинител, телото на бебето беше дадено на обдукција.

Првичните резултати од извршената обдукција укажуваат дека кај бебето, кое имало вродени срцеви аномалии, настанал застој на работата на срцето, што предизвикало белодробен едем и задушување. На телото не се пронајдени знаци кои укажуваат на насилна смрт.

127 total views, 3 views today

Page 6 of 49« First...45678...203040...Last »