Основно јавно обвинителство Радовиш​ изврши увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа двајца мигранти

Скопје, 26 Јуни 2018

Основен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Радовиш вчера во текот на доцните попладневни часови изврши увид на местото каде се случи сообраќајна несреќа со смртни последици.

До несреќата дошло кога ТМВ „Ивеко“ со скопски регистарски таблички со кое илегално се превезувале 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка, движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, излетало од коловозната лента и со предниот дел удрило во метална ограда од надвозник. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото навлегувајќи и во товарниот простор од истото каде биле сместени мигрантите, при тоа две лица починале, шест се здобиле со тешки телесни повреди, а 15 лица со телесни повреди. По несреќата, возачот на возилото се упатил во непознат правец.

Надлежниот јавен обвинител при увидот издаде повеќе наредби во насока на расветлување на кривично правниот настан. Издадена е наредба за преземање на дејствија за пронаоѓање на лицето што управувало со возилото, наредба за сообраќајно – техничко вештачење на возилото, наредба за обдукција на двете починати лица, како и наредба за идентификација на останатите лица – мигранти.

При увидот фиксирани се пронајдените траги, местото на настанот е скицирано и фотографирано, извршен е преглед на оштетувањата на возилото со кое се пренесувале миграните и подигнати се траги од биолошко потекло.

По пружената медицинска помош дел од лицата се сослушани и сместени во прифатниот центар во Гази Баба, а дел задржани на болничко лекување во ЈЗУ Клиничка болница Штип.

90 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Велес ги истражува причините за пожарот во кој животот го загубија три деца

Скопје, 20 Јуни 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес го заврши увидот на лице место каде попладнево избувна пожар. Во пожарот три деца на возраст од четири, две и една година го загубија животот. Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.

При вршење на увидот, јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност.

76 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за расветлување на вчерашните настани кои се случија во вечерните часови пред Собранието на Република Македонија

Скопје, 18 Јуни 2018

Утринава, претставници од Основното јавно обвинителство Скопје одржаа работен состанок со претставници од Министерството за внатрешни работи на кој Основното јавно обвинителство беше известено за вчерашните настани.

Во тек на протестите пред Собранието на Република Македонија од страна на Министерството за внатрешни работи вчера биле лишени од слобода 26 лица, од кои пет малолетници. По утврдување на идентитетот и возраста на лицата, малолетниците согласно Законот за правда на децата се пуштени на слобода.

Основното јавно обвинителство Скопје беше известено дека на вчерашниот настан повредени се десет полициски службеници од кои деветмина со телесни повреди, а еден полицаец со тешки телесни повреди. За времетраење на вчерашниот протест биле повредени и седум граѓани.

Основното јавно обвинителство Скопје на Министерството за внатрешни работи даде насока за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствијата што ги презеле пред Собранието на Република Македонија, како и за малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Пред сѐ за обезбедување на снимки од видео записи од поставените безбедносни камери со цел документирање на евентуално незаконито дејствување.

Од содржината на видео записите, како и од други обезбедени докази ќе се утврдува евентуалното незаконито дејствување на лицата лишени од слобода и на малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Воедно ќе се утврдува и идентитетот и на други лица инволвирани во настанот, за кои ќе постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Согласно на содржината на видео записите и другите докази ќе следи поднесување на кривични пријави или известувања до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на Министерството за внатрешни работи.

Основното јавно обвинителство Скопје исто така беше известено и за заканувачки пораки и слики кои преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица. Министерството за внатрешни работи доби задолжение да се пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

100 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Велес спроведува истрага против 11 лица за фалсификување пари

Скопје, 11 Јуни 2018

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес донесе Наредба за спроведување на истрага против 11 лица. На седуммина од осомничените им се става на товар дека сториле кривично дело Фалсификување пари од чл.268, а четворица се товарат за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик.

Имено, во период од месец април до мај годинава, едно од пријавените лица набавило 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти. Вкупно 137 лажни банкноти, осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банка во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица кои во неколку наврати ги продале во банката. За дел од банкнотите на „продавачите“ не им биле исплатувани пари во денарска противвредност , туку биле извршени трансакции со кои „продавачите“ ги префрлувале парите од нивно име како позајмица на сметките на фирмите во сопственост на прво осомничениот и неговото семејство.

Во исто време, шалтерските работници во банката извршиле прием на лажните банкноти и притоа не направиле рачна и машинска проверка на бројната точност и автентичност на банкнотите согласно банкарските правила и по одобрение од раководителот и заменик раководителот во банката исплатиле денари во соодветна противвредност. Со неизвршување на своите службени овластувања, банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545,00 денари.

Во текот на вчерашниот ден, осомничените лица се сослушани од страна на јавен обвинител. Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците кои ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе Предлог за определување на мерка притвор за прво осомничениот, а за останатите осомничени достави предлог за определување на други мерки за обезбедување.

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со Решение на прво осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

76 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Гостивар ги истражува причините за смртта на пронајденото лице

Скопје, 10 Јуни 2018

По добиена информација за пронајдено тело во распаѓање  над с. Бигор Доленци, кичевско, надлежен јавен обвинител и екипи од Министерството за внатрешни работи вчера попладне започнаа со увид на лице место. Починатиот е пронајден во непристапен терен кој оневозможуваше транспорт на телото во текот на ноќта. По обезбедување на телото, утринава со помош на хеликоптер починатиот беше пренесен во Институтот за судска медицина во Скопје,  каде по наредба на јавен обвинител ќе биде извршена обдукција.

Извршена е идентификација на починатиот и според првичните сознанија  починатиот на возраст од 27 години е жител на с. Стрелци, кичевско. Дополнително надлежниот јавен обвинител издаде Наредба за вршење на ДНК анализа за потврдување на идентитетот на починатиот. По пријава за исчезнување на сега починатиот, повеќе од еден месец надлежните органи и жителите на околните места спроведуваа акции за негово пронаоѓање.

Основното јавно обвинителство Гостивар во континуитет  презема дејствија во насока на разоткривање на причините за смртта на починатиот.

75 total views, no views today

По барање на Основното јавно обвинителство Скопје судот ја замени мерката притвор за обвинет во случајот со обид за убиство на Зијадин Села

Скопје, 08 Јуни 2018

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за замена на мерката притвор со поблага мерка куќен притвор за обвинетиот А.Ј.-Т.

Надлежниот обвинител по вторпат пред судот укажува дека со оглед на здравствената состојба кај обвинетиот и поодминатата фаза на постапката и со поблага мерка ќе се постигнат целите и  нема да се загрози понатамошниот тек на постапката по однос на овој обвинет.

Ваков став надлежниот јавен обвинител изрази и пред еден месец, во мислењето упатено до надлежниот суд по поднесено барање од страна на одбраната на обвинетиот.

Обвинетиот А.Ј.-Т. се товари за сторено кривично дело – Убиство од член 123 ст.1 во врска со чл.19 во врска со чл.22 од Кривичниот законик заедно со уште шест лица.

Во првично поднесениот обвинителен акт беа опфатени и други три лица, но заради променета фактичка состојба, согласно член 393 ст.1 од Законот за кривична постапка, јавниот обвинител изврши измена на описот на изреката, а последователно и на правната квалификација. За двајца од обвинетите се изврши преквалификација во сторено кривично дело – Насилство од чл. 386 ст. 3 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик. За еден обвинет, јавниот обвинител во целост се откажа од писмено поднесениот обвинителен акт.

Имено, од моментот на случувањето на настанот, јавното обвинителство интензивно и во континуитет презема дејствија за утврдување на фактите. Со поднесување на обвинителниот акт беа опфатени лица за кои обвинителството до тој момент прибра одредени докази. Но, постапувањето на Основното јавно обвинителство Скопје продолжи во предистражна постапка и натаму со цел да се расветли настанот во целост и да се идентификуваат сите инволвирани лица.

Притоа, при утврдување на новите факти, прибавени се нови докази, меѓу кои и видео снимката врз основа на која беа направени измените во обвинението. Новопронајдениот видео запис од настанот даде сосема поинаква слика за дејствијата на тројца од првично обвинетите во однос на пратеникот Зијадин Села. Од тука, надлежниот јавен обвинител веднаш ја достави видео снимката како дополнение на доказната постапка и истата беше прифатена како доказ и од страна на судот.  Новоутврдените факти пак, неспорно доведоа до потреба од промена во Обвинителниот акт за тројцата обвинети.  Имено, јавното обвинителство согласно своите надлежности, има обврска да ги утврдува како фактите што го товарат обвинетиот, така и оние што му одат во корист.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува континуирано да презема дејствија за да  идентификува и други учесници во настанот и нивната кривична одговорност.

58 total views, no views today

Вработена во Основното јавно обвинителство Гевгелија под сомнение за „оддавање службена тајна“

Скопје, 07 Јуни 2018

Основното јавно обвинителство Гевгелија иницираше постапка против едно лице, вработено во Казнено-правното одделение на ова обвинителство како помлад јавнообвинителски соработник за казнено право.

Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство Гевгелија располагала со основи на сомневање дека пријавената сторила кривично дело „Оддавање службена тајна“ од член 360 ст.1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Имено пријавената е под сомнение дека во периодот од средината на 2017 година до 23.05.2018 година во повеќе наврати испраќала службени документи од Основното јавно обвинителство Гевгелија на неповикано лице – адвокат, а со цел противправно прибавување имотна корист, како и нарушување на честа и угледот на институцијата во која работела. Пријавената ова го правела без дозвола и без знаење на обвинителите кои работат во Основното јавно обвинителство Гевгелија.

Осомничената на адвокатот, инаку нејзин сопруг, му испраќала кривични пријави, службени белешки и други документи изработени од организациони единици на Министерството за внатрешни работи, записници, спогодби и други документи изработени од Основното јавно обвинителство во Гевгелија, службени документи издадени од Основниот суд во Гевгелија кои преставуваат службена тајна, како и документи од други јавни установи, кои директно или индиректно биле поврзани со предметите за кои овој адвокат се јавувал како ополномоштен бранител.

Заради пронаоѓање предмети кои потекнуваат од кривично дело, по Наредба на Основен суд Гевгелија, припадници на Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Отсек за економски криминалитет во Гевгелија на 23.05.2018 година извршија претрес во службените простории на Основното јавно обвинителство Гевгелија, при што од канцеларијата на осомничената беше одземен нејзиниот службен компјутер.

Основното јавно обвинителство Гевгелија издаде Наредба до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР да изврши форензичка анализа на одземениот компјутер. Извештајот од извршеното вештачење ги потврди сомневањата дека пријавената, користејќи инсталирана апликација VIBER, на адвокатот неовластено му испраќала службени документи и податоци кои претставуваат службена тајна.

Со оглед на тоа што се работи за постапка против лице вработено во Основното јавно обвинителство Гевгелија, ова обвинителство по комплетирање на предметот, достави  барање за преземање на надлежноста до Вишото јавно обвинителство Скопје кое треба предметот да го распореди на натамошно постапување во друго обвинителство.

109 total views, 1 views today

Измена во Обвинителниот акт за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села

Скопје, 06 Јуни 2018

Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, имајќи ги предвид изведените докази на главната расправа, а посебно предложениот нов видео доказ во дополнувањето на доказната постапка, оцени дека состојбата изнесена во писмено поднесениот Обвинителен акт е изменета.

Од тие причини, за обвинетиот С.С., јавниот обвинител на денешното рочиште во целост се откажа од Обвинителниот акт за кривично дело – Убиство во обид сторено во соизвршителство со други лица. Имено, поднесената нова видео снимка даде сосема поинаква слика за неговите дејствија во однос на пратеникот Зијадин Села.

Во исто време, надлежниот обвинител оцени дека за двајца од обвинетите, Ц.Ѓ. и С.П., состојбата исто така е променета и во нивните дејствија не се содржани елементите на кривичното дело од чл.123 ст. 1 во врска со чл.19 во врска со чл.22 од Кривичниот законик, туку се содржани елементи на кривичното дело – Насилство од чл.386 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

На денешното рочиште, надлежниот обвинител до судечкиот совет достави измена на обвинението за овие лица. Постапката против останатите обвинети продолжува без измени во Oбвинителниот акт.

Врз основа на дополнителните сознанија, обвинителството презема и понатамошни дејствија за целосно расветлување на настанот во поглед на оштетениот Зијадин Села.

69 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Тетово врши увид на местото каде утринава беше застрелано лице во полициска акција

Скопје, 04 Јуни 2018

По сознанија за местото каде престојувало осудено лице кое е сторител на повеќе тешки кривични дела, денеска во раните утрински часови Министерството за внатрешни работи спроведе полициска акција за лишување од слобода на осуденото лице и негово спроведување во установа  за да ја издржува определената казна затвор . Лицето е осудено заради сторување на повеќе тешки кривични дела  и во досегашните акции за негово лишување од слобода пружал активен отпор со употреба на оружје.

При акцијата, осудениот фрлил бомба кон полициските сили, по што се дал во бегство.  При тоа  бил сторен обид од полицијата да го спречи во бегството, но осудениот одговорил повторно со употреба на огнено оружје кон полициските сили. Поради тоа, употребена е сила од страна на полицијата при што осуденото лице е лишено од живот.

Надлежен  јавен обвинител врши увид на лице место на настанот во село Ларце, тетовско, заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи,  специјална единица за брза интервенција и единица за специјални задачи, како и Одделот за антитерористичка заштита од Управата за безбедност и контраразузнавање.  Местото е обезбедено и се прибираат докази за кои претстои натамошно вештачење по дадени наредби од јавниот обвинител. Издадена и е Наредба за вршење на обдукција над починатиот.

73 total views, no views today

Основното обвинителство во Битола гони дилер на дрога

Скопје, 30 Мај 2018

Основното јавно обвинителство Битола издаде наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори,  од чл. 215 ст.1 од КЗ.

Осомничениот во неговиот дом  во с. Трново, неовластено заради продажба држел 8 пластични паковки од лек „Омепразол”, како и вкупно 78 најлонски паковки со вкупна нето маса од 51,48 грама наркотична дрога кокаин, која ја нудел на продажба на лица нарко зависници од Битола.

Надлежниот обвинител ценеше дека во конкретниот случај постојат околности кои укажуваат дека постои опасност од бегство како и околности дека осомничениот ќе го повтори делото, па затоа до Основниот суд Битола достави и предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице. Предлогот беше прифатен од судот кој со Решение на осомничениот му определи мерка притвор во времетраење од 30 дена.

76 total views, no views today

Page 8 of 65« First...678910...203040...Last »