Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за убиството извршено во населба Ѓорче Петров

Скопје, 12 Ноември 2014

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши во целина истрагата за убиството на матурантот во населбата Ѓорче Петров. Врз основа на утврдените факти и докази во предметот поднесе Обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1 Скопје  против едно лице за сторени кривични дела Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3  и  Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

Обвинетиот се сомничи дека на ден 19.05.2014 година околу 17 часот во дворот на семејната куќа на семејството на сега покојното лице на дрзок начин  одзел еден  велосипед,  на начин што влегол преку влезната врата на дворот која била заклучена со рајбер, го здогледал велосипедот потпрен на ѕидот на куќата, па откако бил забележан како го одзема велосипедот и укорен од страна на таткото на сега покојното лице, обвинетиот се качил на велосипедот и со него побегнал.

По извршеното противправно присвојување на велосипедот, се упатил кон  пешачкиот мост кој води кон с.Сарај, каде на патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот и сега покојниот кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар.

При тоа, обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон сега покојниот нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат од страна на таткото на сега починатиот со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега.

Таткото на покојниот и покојниот се упатиле до Европската очна болница да побараат медицинска помош, но како резултат на повредите од убодната рана дошло до брзо и обилно внатрешно и надворешно искрварување и развиток на хеморагичен шок, што довело до смрт кај сега покојниот на скалите пред Болницата.

За стореното дело обвинетиот се гони за кривично дело тешка кражба и убиство со умисла. Поради исполнување на законските основи, јавниот обвинителот до надлежниот суд предложи и  продолжување на мерката Притвор.

379 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Велес предложи маерка – Притвор против сторителот на трикратното убиство во Кавадарци

Скопје, 12 Ноември 2014

Надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице кое се гони за сторени три кривични дела – Убиство. Во тек е истражна постапка во која се прибираат сите потребни докази и факти во предметот, како основа за идна јавнообвинителска одлука.

Сметајќи дека се исполнети и законските основи, надлежниот обвинител достави Предлог за определување на мерка – Притвор до судијата на предходна постапка во Основниот суд Велес.

Истрагата продолжува.

349 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Велес ја истражува сообраќајната несреќа во која товарен воз во Велес усмрти емигрант од Сирија

Скопје, 10 Ноември 2014

Утринава во 5.50 товарен воз кој сообраќал во правецот Скопје – Гевгелија, поминувајќи по пругата во центарот на Велес, усмрти мигрант од Сирија. Машиновозачот забележал колона од дваесетина луѓе како се движат по другиот колосек, но еден од нив преминал во последен момент и покрај дадената звучна сигнализација, несреќата неможела да се избегне.

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес изврши увид на лице место и ги презема сите потребни дејствија со цел утврдување на фактите во предметот.

450 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Велес презема дејствија за расчистување на тројното убиство во Кавадарци

Скопје, 10 Ноември 2014

На лице место на настанот увид изврши надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Велес, со што ја започна истражната постапка против едно лице за сторено кривично дело – Убиство. Првичните сознанија утврдија дека сторителот на делото од живот ги лишил сестрата и родителите на поранешната сопруга.

Јавниот обвинител издаде Наредба за обдукција на трите тела и за потребните вештачења со цел утврдување на доказите во предметот. Истрагата продолжува.

404 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Тетово донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Скопје, 10 Ноември 2014

При претрес во живеалиштето на осомничениот, закупен стан, пронајден е направен систем за производство на наркотична дрога во дрвен шкаф – ормар, со вграден систем за загревање и вентилација. Во внатрешниот дел се пронајдени неколку саксии од наркотичната дрога канабис. Во станот се пронајдени и неколку кеси на семе за расад на наркотичната дрога, како и кесе со наркотична дрога марихуана.

Надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување на истрага против осомничениот за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Сметајќи дека се исполнети законските основи, обвинителот поднесе и Предлог за определување на мерка – Притвор против осомничениот, кој беше прифатен од страна на судијата на предходна постапка во Основниот суд Тетово. Со Решение на судот, на осомничениот му е определена мерка – Притвор во времетраење од 30 дена.

438 total views, 1 views today

СООПШТЕНИЕ по повод протестот на група граѓани пред зградата на Јавното Обвинителство

Скопје, 06 Ноември 2014

Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека денес, во периодот од 14.30 до 15.00 часот, група граѓани протестираа при што го блокираа влезот на зградата на Јавното обвинителство. За причините за протестот како и за неговото одржување во Јавното обвинителство не пристигна никаква информација, ниту пак од страна на граѓаните кои протестираа беше побарана средба со надлежните лица од обвинителството.

Во времетраење на протестот, граѓаните целосно го блокираа влезот и излезот од објектот, при што го запреа слободното движење на вработените и на другите граѓани. При тоа, група на јавни обвинители кои се враќаа на своите работни места од работа на терен, беа вербално нападнати и беа буткани за да се спречи пристапот во работните простории.

Јавното обвинителство на Република Македонија најостро го изразува својот револт кон ваквиот начин на однесување, сметајќи дека попречувањето на редовната работа на Јавното обвинителство е на штета на сите граѓани во државата.

Потенцираме, дека Јавното обвинителство на Република Македонија постапува согласно своите надлежности и законски овластувања. Отворени сме за соработка и одговори за сите прашања или дилеми на јавноста или оделни групи. Оттука, за нас е недозволиво без предходна комуникација и без аргументи  да се попречуваат јавните обвинители во вршењето на нивната работа.

Истакнуваме, дека во постапувањето по предметите, јавните обвинители се водат само по законските одредби. Обвинителството со полна сериозност приоѓа кон сите случаи на криминал, без оглед од кого и спрема кого се сторени. Откривањето и прогонот на сторителите, како и пронаоѓањето и обезбедувањето на доказите е процес за кој е потребно време.

441 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ по повод натписите во медиумите во врска со барањата до обвинителството да издаде Наредба за обдукција и ДНК анализа

Скопје, 03 Ноември 2014

Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека согласно постоечката норматива, јавното обвинителство има надлежност за кривични дела кои се сторени на територија на Република Македонија, како и за сторители на кривични дела кои сториле кривично дело во странство но, во моментот се наоѓаат на територија на Република Македонија, како и за странец кој надвор од територијата на Република Македонија ќе стори спрема неа или спрема нејзин државјанин кривично дело ако се затече на територија на Република Македонија или биде екстрадиран.

Тргнувајќи од тука, во случајот на починатото лице кое е најдено во водите на Егејското море, надлежно за постапување е Јавното обвинителството на Република Грција.

Според неофицијалните сознанија со кои располагаме, извршена е обдукција над телото на починатата од надлежните органи во Република Грција.

Јавното обвинителство не располага со сознанија за причината на смртта, но доколку е утврдено дека смртта настапила како последица на сторено кривично дело, тогаш постапката за евентуално гонење на сторител за извршено кривично дело ќе треба да се спроведува во Република Грција.

Јавното обвинителство на Република Македонија кога не поведува постапка нема надлежност ниту овластување да дава Наредби за ДНК анализа или за реобдукција.

Посмртните останки по пристигнување во Република Македонија ќе бидат предадени на семејството, по што сметаме дека не постои пречка по барање на семејството на починатата, надлежна институција да изврши ДНК анализа или реобдукција.

441 total views, no views today

Основното јавно обвинителство -Скопје презема дејствија за откривање на сторителите на детонациите во Владата на Република Македонија

Скопје, 29 Октомври 2014

Во синоќешните часови, околу 22 часот и 20 минути, во зградата на Владата на Република Македонија од страна на непознат сторител детонирани се два проектили.

Надлежниот јавен обвинител излезе на местото на настанот и изврши увид. Во моментот се преземаат дејствија за откривање на сторителите.

Секое наведување на непоткрепени детали би претставувало шпекулација. Во интерес на истрагата, во моментот, Јавното обвинителство на Република Македонија не може да сподели поопсежни информации.

488 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомниченото лице од Дебар

Скопје, 24 Октомври 2014

Во врска со кривичната пријава од ПС – Дебар и одредување на мерка – Краткотраен притвор, за што Јавното обвинителство на Република Македонија информираше вчера, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар денес, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомниченото лице од Дебар, поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од чл.188 ст.1 од Кривичниот законик.

Постои основано сомнение дека осомничениот на неутврден датум, овој месец, по запознавање и создавање на љубовна врска со 12 годишната оштетена, во повеќе наврати извршил полово дејствие врз неа.

447 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар предложи краткотраен притвор против едно лице осомничено за полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години

Скопје, 23 Октомври 2014

Делото го пријавил вујкото на малолетното девојче во Центарот за социјални работи, по што веднаш е започната истрагата од страна на надлежните органи. Поднесена e и кривична пријава од ПС – Дебар, против едно лице кое е осомничено дека сторило кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години. Основното јавно обвинителство – Гостивар ги започна потребните активности за да се утврдат доказите и фактите во предметот.

Осомничениот е лишен од слобода и е извршен разговор во присуство на бранител.

Сметајќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител предложи Краткотраен притвор за осомничениот до судијата на предходна постапка од Основниот суд – Гостивар.

Во основното јавно обвинителство продолжуваат истражните дејствија.

458 total views, 2 views today

Page 95 of 100« First...102030...9394959697...100...Last »