Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје донесе резолуција во предметот за работењето на депонијата Дрисла

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје кој постапуваше по допрен глас за незаконито согорување медицински отпад на депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци донесе Резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот.

Заради утврдување на фактичката состојба јавниот обвинител спроведе обемна предистражна постапка во рамките на која прибра податоци и извештаи кои се однесуваат на еколошките дозволи што ги поседува депонијата и на резултатите од редовните, контролните и вонредните инспекциски надзори извршени во текот на 2017 и 2018 година. Во исто време, беше сослушан и претставник на Државниот инспекторат за животна средина кој ги појасни наводите и ги потврди констатираните состојби при извршените инспекциски надзори.

Дополнително, од страна на јавниот обвинител, на 25.02.2019 година беше формиран и истражен тим со истражители од Царинската управа и од Управата за финансиска полиција кои преземаа дејствија за проверка на сомнежите пласирани во јавноста во врска со незаконит увоз и согорување медицински отпад во „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци.

Анализата на прибраните извештаи покажа дека при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина на 01.12.2017 година било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните CO, SO2 и прашина од работењето на инсинераторот на печката за спалување медицински отпад ги надминуваат граничните вредности согласно Правилникот за гранични вредности на емисии при согорување на отпад и услови и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување. По ова, Инспекторатот донел Решение со кое го ограничил работењето на инсинераторот за спалување медицински отпад на најмногу 8 часа во текот на еден работен ден и целосно го забранил работењето во деновите кога се надминати праговите за алармирање на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух во Скопје. Со Спогодба, правниот субјект бил задолжен да плати одмерена глоба во износ од 8.500 евра. Во истовреме, депонијата била задолжена во рок од 90 дена да ги доведе емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во дозволените граници.

По овој настан, во текот на 2018 година, депонијата извршила набавка и инсталција на нови филтри и направила измени на инсинераторот за медицински отпад, а при извршените контроли од инспекторатот било констатирано дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности определени со Правилникот.

На 22.01.2019 година депонијата ги известила Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање дека печката за согорување медицински и друг вид опасен отпад е ставена вон употреба поради дефект и физички оштетувања на филтерот за прочистување издувни гасови. Дефектот бил отстранет во февруари 2019 година, а извршеното тестирање покажало дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности, по што печката повторно била ставена во употреба. Во меѓувреме, медицинскиот отпад се собирал и складирал во депонијата, но не се согорувал.

Во периодот од 22.11.2018 – 07.03.2019 година Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство поставил мерен инструмент „AIRPOINTER-Recordum“ во кругот на депонијата Дрисла со цел да мери и собира податоци за квалитетот на воздухот во близина на печката каде се согорува медицински отпад. Од извештајот од мерењата се констатира дека во најголем дел резултатите од мерењето се во дозволените граници, а во периодите кога има надминување тоа е со краток максимум од 70-80 микрограма на метар кубен што е во рамките на европскиот просек за урбани средини.

Јавниот обвинител ги обезбеди и резултатите од извршените мерења и анализи на технолошката вода и на водата за пиење во депонијата Дрисла, извршени од ЈЗУ Центар за јавно здравје, кои исто така се во рамките на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри.

Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет.

Со оглед на тоа, надлежниот јавен обвинител заклучи дека не постојат докази кои упатуваат на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност и донесе одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот.