Соопштенија

Скопјанец осомничен за неовластено држење и продажба на марихуана

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 22-годишен скопјанец, во домот во кој живеел во населбата Радишани, на 24 јуни неовластено заради продажба држел наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 534,59 грама, спакувана во 11 најлонски пакувања со различна грамажа. Дрогата била пронајдена при претрес извршен во неговата соба, при што била одземена и една дигитална вага со остатоци од наркотична дрога.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.