Uncategorized, Соопштенија

Сузбиена криминална група што криумчарела мигранти 

Во текот на денешниот ден, со цел сузбивање на организирана криминална група инволвирана во организирање и криумчарење мигранти, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“ спроведе координирана полициска операција под кодно име „Реприза“.

Во раните утрински часови се извршени претреси кај пет лица, во вкупно шест објекти лоцирани на подрачјата на Гевгелија, Струмица и Неготино, притоа  четири лица се лишени од слобода, едно лице е недостапно за органите на прогонот, а едно лице се наоѓа на издржување на мерка притвор за кривично дело Криумчарење на мигранти во друг кривично – правен настан. Акцијата е резултат на десетмесечна криминалистичка истрага над организирана шестчлена криминална група, која подолг временски период делува на тeриторија на Република Северна Македонија криумчарејќи мигранти кои остваруваат нелегален влез преку грчко-македонската граница.

Имено, организаторите на криминалната група се двајца браќа кои со умисла и од користољубие заедно со засега непознати лица од Кумановско-липковскиот регион и од Грција, организирале криминална група во Република Северна Македонија. Во временскиот период од декември 2019 година до денес, осомничените организирале криумчарење на околу 150 мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, за паричен надомест од 500 до 700 евра по лице, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист.
Осомничените по претходно договорен начин на комуникација и во договор со лица организатори од Р.Грција преку илегални премини во околината на Гевгелија, Струмица и Дојран ги пренесувале мигрантите преку грчко-македонската граница. Потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, ги носеле до претходно утврдени и договорени локации, од каде илегалните мигранти биле прифатени од страна на членовите на групата и со моторни возила биле превезувани до договорени локации во Кумановско-Липковскиот регион. Оттаму, во организација на лице кое нелегално престојува во Кумановско – липковскиот регион, мигрантите биле времено сместувани и засолнувани во објекти на членови, соработници и помагачи на криминалната група, а потоа  криумчарени преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ.

Постапувајќи по кривичната пријава надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица на возраст од 21 до 28 години. Двајцата браќа како организатори на групата се осомничени дека сториле кривично дело – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти по член 418-в став 1 и кривично дело Криумчарење на мигранти по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 од Кривичниот законик​, додека останатите четири лица се осомничени дека како припадници на групата криумчареле мигранти.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во законски предвидениот рок. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени лица.