Соопштенија

Петмина скопјани обвинети за непостапување според здравствените прописи

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица, сите за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, по пристигнување од земји со висок и среден ризик на 16, 17 и 18 март, секој од обвинетите потпишал изјава со која прифатил да се самоизолира во својот дом во период од 14 дена. Но, при проверките направени на 18 и 19 март, од страна на овластени службени лица, не биле затекнати на наведените адреси.

Обвинетите, иако должни да ги имплементираат мерките определени во Писмена наредба на Министерството за здравство за сузбивање или спречување на епидемијата на коронавирусот – COVID 19, како и обврската од потпишаните изјави за самоизолација, не постапиле согласно предвиденото, со што го сториле кривичното дело.

Јавните обвинители кои постапуваат во предметите за сите обвинети лица на Судот му предложија да изрече парични казни во висина од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена во износ од по 20 евра во денарска противвредност.