Основното јавно обвинителство Битола поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 12 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик.
Седуммина обвинети го сториле делото со непочитување на забраната за движење во полициски час, па надлежниот јавен обвинител на Основниот суд Битола му предложи за секого од нив да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, а секоја глобада биде одредена во висина од по 20 евра.
За останатите пет обвинети била определена мерка на строга изолација – државен карантин во траење од 21 ден во хотелот „Молика“. Но, тие биле затекнати од овластени службени лица како се групираат во една соба, иако им било забрането да ги напуштаат своите соби за времетраење на изолацијата.
Со предлогот за казнен налог, обвинителството предложи на четворица да им биде изречена парична казна од по 100 дневни глоби во вредност од по 20 евра. За петтиот обвинет, пак, во чија соба во два наврати биле затекнати другите обвинети, се предлага парична казна од 100 дневни глоби, но секоја глоба да биде во вредност од по 30 евра, бидејќи ова лице сторило продолжено кривично дело од член 206 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.