Соопштенија

Предложени парични казни за непочитување на полицискиот час во Прилеп и во Крушево

Основното јавно обвинителство Прилеп денеска до Основниот суд Прилеп поднесе предлози  за издавање казнени налози против 6 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите го прекршиле полицискиот час во Прилеп, па обвинителството за секого од нив предложи парична казна од 100 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност.

Исто така, во текот на денешниот ден Основното јавно обвинителство Прилеп до Основниот суд Крушево поднесе предлог за издавање казнен налог против две лица.

Едниот обвинет се товари за продолжено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 во врска  член 45 од Кривичниот законик. Тој во повеќе наврати не ја почитувал Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, за што е предложена парична казна од 70 дневни глоби со вредност на глобата од 30 евра во денарска противвредност.

Против второто лице, пак, предлогот за издавање казнен налог е поднесен заради продолжени кривични дела – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 во врска со член 45, како и Лажно претставување од член 391 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Имено, обвинетата, затекната при прекршување на полициски час, на овластените лица им се претставувала дека е полициски службеник. За неа Обвинителството предложи парична казна од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 30 евра во денарска противвредност.