По сеопфатна истражна постапка против четири лица од Ресен осомничени дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Измама“ од чл.247 ст.4 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до Основниот суд Битола достави предлог спогодби за тројца обвинети.
Осомничените на почетокот оваа година, со лажно прикажување на факти дека преку правно лице од Ресен можат да им продадат земјоделски производи, довеле во заблуда четири правни лица од Република Словенија, Република Унгарија, Босна и Херцеговина и Руската Федерација. Оштетените правни лица вршеле уплата на договорен износ на сметка на правното лице од Ресен, а осомничените ги подигнувале уплатените парични средства и ги трошеле за сопствени потреби, неиспорачувајќи ги договорените земјоделски производи.
Во текот на истражната постапка, осомничените доброволно ја надоместиле севкупната штета на оштетените правни лица во вкупен износ од 49.170,00 американски долари и 17.466,00 евра. Тројца од осомничените ја признаа вината и побараа да се спогодат со обвинителството, додека еден од осомничените во текот на постапката почина и против него постапката е запрена.
Основниот суд Битола ги прифати предлог – спогодбите и со пресуди на двајца од обвинети им изрече алтернативна мерка – условна осуда со што им е утврдена казна затвор во траење од две години која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од пет години не сторат ново кривично дело, додека еден од осомничените е осуден на казна затвор во траење од една година и осум месеци.