Соопштенија

Едно лице ја прекршило самоизолацијата, а тројца – полицискиот час во Радовиш

Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе предлози за издавање казнен налог против четири лица кои го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Еден обвинет не го пoчитувал Решението на Државниот здравствен и санитарен инспекторат со кое, како лице кое имало контакт со лице позитивно на COVID-19, од 30 март бил ставен под здравствен надзор и во задолжителна домашна изолација. Наспроти ова, утрото на 4 април, тој самоволно излегол од својот дом и отишол на прослава за новоизградена куќа, a потоа продолжил да се движи низ улиците на градот. Околу 12 часот подигнал пратка од пункт за достава на брзи пратки, по што се вратил дома. На 5 април од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје Штип бил известен дека и самиот е лабораториски потврден случај позитивен на COVID-19.

Обвинителството на Судот му предложи на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, со вредност од 20 евра за една дневна глоба.

За уште тројца обвинети, обвинителството предложи парична казна во висина од 100 дневни глоби, со вредност од по 5 евра во денарска противвредност за една дневна глоба. Овие обвинети биле затекнати при прекршување на полицискиот час со што постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија.