Обвинителството по два предмети констатира дека, функционирањето на техничката Влада претставува политичко прашање, а спорните прашања помеѓу членовите на техничката Влада претставуваат предмет на други со закон регулирани постапки.
Имено, дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи поднесе кривична пријава против техничкиот министер за внатрешни работи за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 3 во врска со став 1 и за „Несовесно работење во службата “ од член 353-в став 1 од Кривичниот законик, во која се наведува дека на 08.01.2020 година пријавениот во својство на Министер за внатрешни работи издал телеграма до сите организациони единици на БЈБ, сектори за внатрешни работи и регионални центри за гранични работи, со која им наредил на сите раководители неподигнатите решенија потпишани од поранешниот министер кои се уште не биле врачени, да не ги врачуваат, се до добивање на дополнителни насоки, воедно донел 89 незаконски решенија за прераспоредување на раководни работници.
Пријавениот иако знаел дека во Одлуката на Владата на Република Северна Македонија од 09.02.2020 година овие решенија биле поништени во целост, на 10.02.2020 година испратил телеграма до сите организациони единици и побарал почитување на неговите поништени решенија, а на 14.02.2020 година издал нови решенија со кои на работните места од раководните работници од МВР кои користеле платено осуство од работа распоредил работници од времен каактер за замена на привремено отсутните работници, а во месец февруари објавил и интерни огласи за распоредување на работници во МВР, кои одлуки биле само со негов потпис.
Надлежниот јавен обвинител согласно Законот за кривична постапка направи проверки кај дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи и кај техничкиот министер за внатрешни работи, па по целосна анализа на наводите од кривичната пријава, прилозите кон неа и направените проверки донесе решение со кое ја отфрли кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
Исто така, во Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас беше оформен предмет против техничкиот премиер, а дополнително, со иста содржина, техничкиот министер за внатрешни работи поднесе кривична пријава против техничкиот премиер за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 1 и „Фалсификување службена исправа“ од член 361 став 1 од Кривичниот законик , а дополнително техничкиот министер за внатрешни работи поднесе друга кривична пријава против техничкиот премиер за кривично дело „ Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 5 од Кривичниот законик. Предметот отворен по допрен глас и поднесената кривична пријава се однесуваат на поништени решенија на седница на Владата на Република Северна Македонија. Според наводите, на 15.02.2020 година како точка на Дневен ред била ставена и точката поништување на решенија донесени од страна на техничкиот министер за внатрешни работи за распоредување на вработени во Министерството за внатрешни работи и таа точка била усвоена од Владата на Република Северна Македонија. Во пријавата техничкиот министер за внатрешни работи наведува дека бројот на решенијата за поништување, која што била точка на Дневниот ред на Владата, не соодветствува на бројот на решенијата објавени во Службен весник на Република Северна Македонија.
Дополнително, техничкиот министер за внатрешни работи поднесе кривична пријава против техничкиот премиер, која се однесува на тоа, дека на 23.06.2020 година Владата на Република Северна Македонија донела Одлука за поништување на Решението за именување на началник и дополнителен заменик началник во СВР Тетово. По оваа кривична пријави надлежен јавен обвинител направи проверки во Владата на РСМ од каде беа доставени податоци и по анализа на наводите во кривичните пријави, прилозите кон нив и дополнително прибавените податоци, донесе Решение со кое се отфрла кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
И во двата предмети, надлежните јавни обвинители во донесените решенија утврдија дека заштитата на правата по донесените и поништените решенија може да се остварат во други со закон регулирани постапки, а не со кривично-правна интервенција.