Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.
На 24 јуни, осомничениот со општоопасно дејствие и средство предизвикал значителна опасност за животот и телото на тројца оштетени. Додека оштетените седеле во стан на улица „Никола Грчето“ во Чаир, осомничениот 33-годишник, инаку нивен сосед, дошол на вратата, започнал да тропа и да им се заканува.
Потоа тој се симнал во дворот позади зградата и од таму започнал да пука кон прозорците и фасадата на станот на оштетените. За да не бидат повредени тие се скриле во спалната соба и настанот го пријавиле во полиција
Надлежниот јавен обвинител оцени дека во конкретниот случај постои опасност од криење и бегство на осомничениот, имајќи ја предвид неговата личност, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека ќе го повтори кривичнотото дело. Притоа јавниот обвинител имаше предвид дека се работи за лице претходно осудувано за различен вид кривични дела, а ја ценеше и неговата настојчивост и агресивност во намерата за извршување на кривичното дело за кое што се води оваа постапка. Од тие причини до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерка притвор.